Зошто образованието во СССР беше помеѓу најдобрите во светот?

Советскиот Сојуз успеа да создаде образовен систем кој овозможи реализација на една амбициозна програма за модернизација, со којашто Москва се претвори во една од двете светски суперсили. Фундаменталните образовни реформи ги зафатија сите сегменти на образовниот
процес, почнувајќи од градинките па се до највисоките образовни институции како и нивна интеграција во индустријата и секојдневниот јавен живот.

Пред револуцијата од 1917 година, и покрај големото население, Руската империја располагала само со неколку десетици градинки. Радикално се промени сè кога болшевиците ја презедоа власта и почнаа да ги спроведуваат нивните слогани поврзани со еднаквоста на жените и нивното активно вклучување во сите форми на општествениот живот. Тоа всушност довело до развој на мрежа на предучилишни институции.

Основачот на Советската држава, Владимир Ленин, ги нарекувал градинките и јаслите “разграноци на комунизмот“. Според него, овие институции всушност би можеле да ги ослободат жените и во реалноста да ја намалат и елиминираат нивната нееднаквост во споредба со мажите преку подобрување на нивната улога во општеството и општествениот живот.

Од средината на 20-тите години на 20 век, мрежата на детски градинки почнала да се појавува не само во градовите, туку и во селата. До 1941 година, два милиона момчиња и девојчиња од Советската држава посетувале јасли и градинки. За 30 години оваа бројка се зголемила на 12 милиони.

Во 1959 година, беше воведен нов систем кој ги поврзува детските градинки и јаслите во единствен систем. Па така, државата се грижела за децата на возраст од два месеци до 7 години, како и за оние кои почнуваат на училиште.

До 1939 година, веќе 40 милиони неписмени луѓе ги совладале основите на читањето преку образовната програма Ликбез. Меѓутоа, пресвртот всушност се случил уште во 1930 година, кога во Советскиот Сојуз било воведено задолжително основно образование. До почетокот на 1940-тите, проблемот со масовната неписменост бил претежно решен.

Но, според сведоштвата на луѓето од тоа време, училиштата имале потешкотии да ги сместат сите ученици откако се вовело задолжителното основно образование. Децата оделе на училиште во три смени. За најмалите настава започнувала во осум, а завршувале напладне. Потоа доаѓале постарите ученици, а од шест до десет, па и од 11 навечер, настава посетувале најстарите. Првите децении од постоењето на СССР беа време на големи експерименти во образованието. Еден од нив беше поврзан со историјата. На оваа наука и беше одбиен статусот на посебна дисциплина.

За историските настани се учело во рамките на другите општествени науки. Подоцна во 1934 година историјата била рехабилитирана и вратена во училиштата. Големата патриотска војна негативно се одразила на целата образовна инфраструктура. Години беа потребни за да се поправи штетата што беше предизвикана од инвазијата на Хитлер.

Надлежните вложиле големи напори за да го подигнат нивото на настава во средните училишта. Повеќе внимание било посветено на ученикот како поединец, а за наставниците биле воведени бенефиции. За време на Студената војна и интензивниот технолошки напредок, Советската држава посветуваше се повеќе внимание на екзактните науки, особено на математиката. Се вели дека математиката во Советскиот Сојуз доживеала вистински бум на крајот на 50-тите. Основани биле посебни математички училишта. Таму се школувале оние научници кои подоцна би и донеле голем успех на советската вселенска програма.

Покрај редовното училишно образование, во Советскиот Сојуз постоеше и цела мрежа на специјални клубови кои учениците ги посетуваа бесплатно и каде што можеа да научат различни вештини: од фотографирање до конструирање авиони.

Тешко е да се зборува за советското образование, а да не се споменат пионерите, советската верзија на извидници. Иако нивните активности имале одредена идеолошка боја, пионерите во суштина биле вклучени во различни видови на волонтерски активности, како што се собирање на отпадна хартија или метал за рециклирање. Тие стекнале и искуство во пружање прва помош и помагање на стари лица.

Во Советскиот Сојуз, исто така се инвестираше многу и во развојот на високото образование. Веднаш по револуцијата, болшевиците основаа уште многу нови универзитети. Уште поголем број универзитетски институции беа основани во 1930-тите, кога за масовната програма за индустријализација беа потребни голем број нови експерти. Подоцна пак, почнувајќи од 50-тите години, дојде до нов бран на формирање на високообразовни институции. До 1975 година, имало речиси 5 милиони студенти на факултетите на Советскиот Сојуз. Дел од студентите беа странци од земјите во развој кои беа во пријателски односи со СССР.

Во 1960 година, Советската влада го основаше Универзитетот за пријателство меѓу народите. Целта беше да им се даде можност на младите од Латинска Америка, Азија и Африка, особено оние со понизок социјален статус, да добијат квалитетно образование. Стекнувањето со високо образование во Советскиот Сојуз не беше поврзано само со стекнување на нови знаења, туку често вклучуваше и физичка работа. За време на летниот распуст студентите формирале таканаречени студентски градежни бригади, кои учествувале во градежни проекти кои биле од голема важност за советската економија. Намерата била да им се даде можност на студентите да стекнат работна етика и почит кон физичкиот труд.