Македонија не е на продажба Македонија е се што имаме

Пишува:Дарко Тодоровски – Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Црна се чума зададе, таму долу Македонија. Вака почнува текстот на безвременската, македонска песна, која како да е компонирана деновиве. Како и многупати низ историјата, Македонија повторно поминува низ трагичен и драматичен период. Францускиот предлог-ултиматум за надминување на нелогичниот и неетичен спор со Бугарија, за добивање на датум за почеток на преговорите со ЕУ, повторно го пушти духот од ламбата. Македонскиот народ се мобилизираше и одлучно кажа НЕ за францускиот предлог, но владата по секоја цена сака да го протне францускиот предлог, и да изврши предавство со несогледливи последици врз иднината на Македонија и на македонскиот народ. Но деновите на оваа влада се избројани, и истата ќе заврши на буништето на историјата.

Како резултат на обидот на власта да го прифати и да го протурка францускиот предлог во институциите, Македонија со денови протестира. Под паролата „Ултиматум – не благодарам“ секој ден во 19 часот во Скопје реки народ протестираат. Најважно е протестите да бидат мирни, и гордо и достоинствено, и нивниот фокус треба да биде да се спречи прифаќањето на францускиот предлог. Францускиот предлог треба да се одбие, и македонската дипломатија да работи во иднина да издејствува подобар предлог, кој што ќе биде базиран на црвените линии на Македонија. Од една страна ЕУ тврди дека се залага за човековите права и правото на секоја држава и народ на самоопределување, а од друга страна ги поддржува нелогичните и неетички барања на Бугарија.

Пуштањето на духот од ламбата може да доведе до несогледливи последици за Македонија и за Балканот, бидејќи од страна на ЕУ Македонија е ставена пред изборот, „Земи или остави.“ Без сличен избор е поставена и Србија. Да, стратешка цел на Македонија се евроинтеграциите и влезот во ЕУ, но не и по цена на националните интереси. Не и по цена на откажување од својот идентитет, јазик, култура, традиција и историја. Народ без историја, без идентитет, без јазик, нема иднина.

Иронично е тврдењето што ни се сервира дека со постојниот „француски предлог“ допрва се „гарантирал“ македонскиот јазик. Еден јазик по природа не е предмет на надворешни „гаранции“, туку на суверената волја на неговите говорители да го користат, кодифицираат и именуваат како што сакаат. Македонскиот јазик е официјален јазик на нашата држава од 2 август 1944, а од 1977 прифатен е во официјална употреба и од страна на ОН. Не може да постои никаква фуснота дека Бугарија македонскиот јазик го смета за дијалект на бугарскиот.

Европските лидери и нивните емисари повторно ја посетуваат Македонија, се со цел да го прелажат македонскиот народ. Исти им се и изјавите како и пред четири години, коишто се сведуваат на три тврдења: 1) ‘морате да прифатите заради ЕУ’; 2) ‘ова е последното нешто што се бара од Македонија’, и 3) ‘Земи или остави …’ Па, ако Преспанскиот договор беше ‘последната и најголема жртва’ во низата жртви кои што Македонија ги даде, и наводно ни ги отвораше портите во ЕУ, од каде сега испадна овој уште последен француски предлог што бара од нас најголема жртва?

Но најлошиот елемент во оваа драма на македонскиот народ се длабоките поделби во националното ткиво, односно помеѓу Македонците и Албанците. Погрешната политика и стратегија на Западот во однос на Македонија води до пораст на евроскептицизмот, и од ден на ден се повеќе граѓани на Македонија се против влегувањето во ЕУ, за сметка на прифаќање на барањата на Бугарија. Тоа го покажаа и резултатите од истражувањето на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС).

Во истражувањето на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) на прашањето „дали би прифатиле почеток на преговори со ЕУ по цена Македонија да се согласи со т.н. француски предлог“, 72.8 отсто од етничките Македонци опфатени со анкетата одговориле со „не“. И мнозинство од анкетираните граѓани, без оглед на етничката припадност се против, односно со „не“ се изјасниле 56 проценти од анкетираните. Анкетата е спроведена од 4-ти до 6-ти овој месец, на база на телефонско јавување, а контактирани биле 1.114 полнолетни граѓани.

Војната во Украина стана катализатор за решавање на отворените прашања на Балканот. ЕУ со помош на САД се надева да ги затвори македонското и српското прашање, не штета на Македонија и на Србија, а во корист на Бугарија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина. Геополитиката повторно изби во прв план на Балканот и Западот по секоја цена сака да ги реши македонското и српското прашање, притоа не водејќи сметка за цената, која што Македонија и Србија би ја платиле. Западот не бира средства за да го оствари својот план, и Балканот, односно „дворот на Европа“ да биде ставен под цврста контрола на Западот, пред претстојните преговори со Русија и НР Кина за поделба на сферите на влијание во светот.