(Видео) Апасиев: Џафери е првиот претседател на Собранието со најмногу кривични пријави за пречекорување на службената должност

Говор на претседателот на Левица – Димитар Апасиев, во однос на интерпелацијата на спикерот Талат Џафери


„Дојде денот кога во една траорна атмосфера би рекол, дебатираме за една пцовка, додека ни се спрема нов Преспански и ново предавство од страна на Владата. Ние дебатираме за пцовката на Талат Џафери. Знаејќи го, мислев дека кукавички ќе дезертира и овојпат, бидејќи првата интерпелација ја чуваше  во фиока, втор пат не се појави на етичкиот кодекс, но ете претседателот Џафери собра храброст да се соочи со нас пратениците.”

Во неговиот говор подоцна претседателот на Левица, Димитар Апасиев ги посочи и истакна преседаните кои го има направено Џафери како спикер во собранието на Република Македонија.

„Тоа што ДУИ продаде во албанскиот електорат дека сте првиот Албанец претседател спикер, не е вистина, Вие не сте првиот Албанец престседател на Собранието. Па ги гледам сите, па и колегите ВМРО-ци бегаат од етнички теми. Јас не бегам од етнички теми. Кога ќе имаме граѓански Устав, можеме да зборуваме граѓански. Ние имаме етнотрибалистички Устав и не можеме да бегаме од етничките теми.

Не го заборавајте Неџат Аголи од Дебар, не го заборавајте Вулнет Старова кој што беше последниот претседател пред осамостојувањето. Но, вие сте првиот претседател, без оглед дали сте Албанец или Македонец, кој има најмногу кривични пријави за пречекорување на службена положба и овластување. Еве сега ќе ви ги наведам.

Прво, вие воведовте за разлика од космодиск демократијата на Иванов, вие воведовте скафандер демократија, односно вие не постапивте според здравствените  прописи за време на епидемија. Сето тоа беше покриено со сегашната министерка Тренчевска, која тогаш беше  во Инспекторат за труд. Па таа ви направи записник кој што вие сте го проследиле до Обвинителство за да ве ослободат.

Следно, Вие не го употребивте единствено службениот јазик во Брисел, со што направивте повреда на угледот на Република Македонија, кое е казниво според член 178 од Кривичниот законик. Амандман 5 македонскиот јазик го предвидува како единствен во меѓународните односи, член 2 од Законот за употреба на македонскиот јазик вели дека јазикот е духовно богатство од посебно културно – историско значење на Републиката и неговата употреба како службен јазик е право и должност на граѓаните на Репубиката.

Вие тоа не го употребивте во Брисел, си отидовте како да сте на приватна  посета, правејќи дипломатски скандал, при што се збунија луѓето кои не знаеа на кој јазик зборувате.

Следно, го шверцувавте Законот за државјанство со европско знаменце и оттогаш почна процесот на злоупотреба на службена положба. Како што му поништивте  на колегата Снопче анкетна комисија, која е уставен институт – сето тоа ваше овластување требаше да го употребите и за сите закони кои што се шверцуваат со европско знаменце.

И на крајот, систематското несвикување пратенички прашања девет месеци континуирано. Од две години мандат на ова Собрание, девет месеци немаме пратенички прашања. Тоа е саботажа на работата на Собранието. “