Над 410 илјади евра Општина Куманово исплатила на приватните агенции за привремени вработувања последниве три години

  • Реакција на Левица – ЛО Куманово

Институциите и општините, во изминативе години се сериозно критикувани во јавноста заради објавување тендери и исплата на агенциски провизии за привремени вработувања преку приватни агенции за вработување! Во време на економска криза наместо да штедат, тие трошат рекордни суми народни пари токму за оваа намена.

Имено, во Куманово согласно податоците објавени на веб страницата на Бирото за јавни набавки биле склучувани договори на годишно ниво со приватни агенции за ангажирање на привремени работници за потребите на Општината.

Агенциска провизија била исплаќана согласно понудата и тоа во висина од 7,03% од бруто средствата за секој вработен, секој месец од времетраењето на договорот за вработување.

Само во последните три години Општина Куманово по спроведена тендерска постапка склучила и/или ги реализирала договори за привремени вработувања и тоа:

Во 2020 година вредноста на реализиран исплатен договор со ДДВ изнесувал дури 8.928.640,00 денари или приближно 145,180 евра.

Во 2021 година вредноста на реализиран исплатен договор со ДДВ изнесувал 8.393.656,00 денари или приближно 136,500 евра.

Во 2022 година проценетата вредноста на договорот изнесува 8.100.000,00 денари или приближно 131,700 евра.

Локалниот огранок на Левица во Куманово и официјално достави Барање до Општина Куманово со цел да добиеме информација за точната бројка на привремени вработувања на годишно ниво, но од Општината се’ уште нема одговор. Прашуваме:

Дали ваков тип на вработување е реална потреба?

Зошто Општината ангажира приватни агенции на кои им исплаќа високи провизии со народни пари, наместо да ги користи државните институции за вработување?

Освен тоа што се трошат енормни суми за привремени вработувања, квалитетот на услугите од Општината не се подобрува, што го потврдува сомневањето дека ваквите вработувања се партиски инспирирани.

Крајно време е Oпштината да преземе мерки за кратење на сите непродуктивни трошоци! Економската криза се продлабочува и потребно е надлежните служби да покажат одговорност и совесно и соодветно инвестирање на народните пари согласно реалните потреби на граѓаните.