Како Западот ја вооружува Украина

Пишува: Дарко Тодоровски – Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар

По распадот на Советскиот Сојуз, куп советско оружје остана во воените магацини во Украина. Плус огромна и развиена воена индустрија. Но, Украина беше позната како земја во која можете да купите какво било оружје и опрема за какви било пари. Веројатно многумина се сеќаваат на филмот The Warlord со Николас Кејџ и сцени од филмот како тој купува различно оружје за пари во Украина, а потоа го препродава во Африка.

Украина ја продаваше својата советска воена опрема ширум светот во последните 30 години, не мислејќи дека таа опрема можеби е потребна за нејзина одбрана. Поради тоа, Украина денеска бара воена помош од западните земји, а тоа оружје и воена опрема ќе го платат западните даночни обврзници. Светот и Европа денес се сведоци на првата голема војна во 21 век. Ова е прва голема војна во Европа по завршувањето на Втората светска војна. Стариот светски поредок пропадна поради избувнувањето на војната во Украина. Војната во Украина на сите ни покажа дека уште еднаш во светот воената сила и воената дипломатија се вратија и дојдоа до израз.

До денес, земјите од НАТО обезбедија повеќе од 38 милијарди евра воена помош за Украина. Украина постојано бара нова воена помош и поддршка, а САД и земјите од НАТО постојано одобруваат и испраќаат нови пакети воена помош. И југословенското оружје и воената опрема произведена во поранешна Југославија се појавија на бојното поле или наскоро ќе се појават. Словенија донираше на Украина 35 оклопни амфибиски возила BVP M80A, произведени во поранешна Југославија.

Но, Киев секогаш бара повеќе, а сега Киев вели дека му треба воен паритет со Москва, а Украина бара оружје и опрема од НАТО за речиси 100 милијарди евра. Украина бара од Западот 1.000 хаубици од 155 милиметри, 300 ракетни артилериски системи, 500 тенкови, 2.000 оклопни возила и 1.000 различни дронови. Плус, борбени хеликоптери и авиони. Веќе стана познато дека никој нема бесплатно да го надомести оружјето што одредена држава и го префрла на Украина. Затоа, некои европски земји ја одбиваат или одложуваат испораката на оружје за Украина.

Податоците од Килскиот институт за светска економија кои го покриваат периодот од 24 јануари до 7 јуни, како и од официјалните изјави на западните и европските претставници по 7 јуни, покажуваат дека Западот на Украина од почетокот на годината и испорачал:

– до 215 влечени НАТО хаубици од 155 мм (повеќе од половина се американски хаубици М777). Ветени се уште најмалку 17, а Полска, исто така, има намера да потпише договор за продажба на уште 60 самоодни хаубици на Киев;

Артилерија:

– најмалку 29 хаубици од советски тип;

– најмалку 100 минофрлачи;

– 13 самоодни артилериски хаубици од 155 мм.

Од оклопните возила Украина доби:

– до 395 оклопни возила, уште 99 беа ветени за испорака;

– 147 други оклопни возила, плус 218 ветени за испорака;

– 18 специјални камиони за транспорт на хаубиците;

– 4 тактички возила за евакуација на опремата;

Од реактивните ракетни системи (MLRS) Украина доби:

– 20 MLRS од советски тип;

– 4 HIMARS MLRS од САД;

– Беше ветено за испорака на 8 MLRS од типот на НАТО.

Тенковите дадени на Украина:

– 252 тенкови од советски тип, плус 8 ветени за испорака;

– Ветени се за испорака 40 тенкови произведени од земјите на НАТО.

Досега во Украина е испратен само еден систем за противвоздушна одбрана С-300 од Словачка, а уште еден е ветен за испорака, како и три противбродски ракетни системи.

Од преносни противвоздушни и противоклопни системи (MANPADS):

– испорачани најмалку 2310 MANPADS различни верзии, плус ветена испорака на уште 60;

Беа испорачани и 32.800 други системи, пред се против тенковски ракетни системи и рачни ракетни фрлачи, а планирана е испорака на 6.150.

Досега Украина доби три хеликоптери Ми-17 од хеликоптерска опрема, а ветена е и испорака на уште 19 хеликоптери.

Беспилотни летала дадени на Украина:

– се наведува дека биле испорачани ударни дронови, но не се соопштува колку. Министерството за одбрана на Украина зборува за неколку десетици ударни беспилотни летала испорачани во земјата;

– до 846 други дронови.

Од почетокот на годината, западните и европските земји обезбедија или ветија воена помош за Украина (во опрема или финансии за воени цели) во вкупна вредност од 38,466 милијарди долари.

Оваа сума вклучува воена помош обезбедена/ветена од 24 јануари до 24 февруари за вкупно 362.809.746 долари. Обезбедена/ветена воена помош од 24 февруари до 7 јуни во вкупен износ од 36.632.964.002 долари. Обезбедена/ветена воена помош од 7 јуни до 22 јуни во вкупен износ од 1.470.334.560 долари.

Во минатото, од 2014 до 2022 година, оружјето донирано од САД и НАТО на Украина често се губеше, а потоа повторно доаѓаше во рацете на армиите на ДНР и ЛНР, како и на трети држави. Но, многумина на Запад веќе се прашуваат: „Дали постои реална опасност дека дел од оружјето испорачано на Украина многу веројатно би можело да падне во рацете на терористичките организации на Блискиот Исток и да се користи против земјите што испраќаат оружје во Украина? Кога ќе видиме дел од тоа оружје во рацете на терористи од Блискиот Исток? Пред се се работи за противтенковски ракетни системи и лесни противвоздушни системи како Stinger или Igla и нивните модификации.

САД и Европа се сеќаваат како Украина соработуваше и продаваше напредно оружје на Иран и Северна Кореја во минатото. Иран доби советски крстаречки ракети Кх-55 од Украина, ги копираше и врз основа на них ги произведува сопствените крстаречки ракети Мескат, како и други проекти и соработка со Иран во воената сфера, пред се во авијацијата и ракетната технологија. И Северна Кореја купи мотори за балистички ракети од Украина, како и разни цртежи и техничка документација за различни советски проекти за ракети. Исто така, по распадот на СССР, Украина и продаде многу работи на Кина, разни технички нацрти, проекти и техничка документација, како и речиси завршен носач на авиони.

Тоталната корупција во Украина и во украинската армија предодредува значителен дел од оружјето едноставно да биде украден и препродаден на „црниот“ пазар. Дали милитаризацијата на Украина ќе помогне Русија да биде поразена со воени средства или тоа е невозможно? Или пак, милитаризацијата на Украина всушност само придонесува за продолжување на конфликтот, а не за негово разрешување. Времето ќе покаже.