Симонов: Левица бара протерување на бугарскиот амбасадор

Од политичката партија Левица денес излегоа со соопштение до јавноста, преку прес-конференцијата на која се обрати Александар Симонов, координатор на секторот за надворешна политика при Левица. Меѓу другото, тој истакна дека на бугарскиот амбасадор во Македонија треба да му биде врачена протестна, наместо вербална нота, а доколку отворената територијална претензија се констатира, да биде и прогласен за персона нон грата. Еве што Симонов наведе на прес-конференцијата:

“Минатата недела сведочевме на бројни понижувања на македонскиот народ и држава! Највисоките претставници на неколку земји од Европската унија македонскиот народ и јазик ги нарекоа северномакедонски.

Згора на сѐ, се појави францускиот предлог напревен во соработка со министерот Османи, кој интегрирајќи ги сите бугарските барања, ги негираше постоењето на македонската култура, јазик, народ и држава.

За ситуацијата да биде полоша, од Народното Собрание на Република Бугарија одекна национал-шовинистичката порака со територијални претензии кон Република Македонија, еднаква на оние во времето на фашизмот во Втората светска војна.

Пораката во која се вели „Македонија е Бугарија“ и негира постоење на засебна држава искажана во едно народно собрание е невиден преседан за европската историја.“

Понатаму, Симонов ја истакнува загриженоста од недостатокот на осуда од меѓународните фактори во државата, како нашите стратешки партнери НАТО, така и ЕУ, за големо-бугарските територијални претензии и отворената шовинистичка политика на Бугарија кон Македонија:

„За реактуелизирањето на големо-бугарската идеја, со која се рехабилитираат фашистички идеи и се загрозува територијалниот интегритет на Македонија, за жал, не наидуваме на соодветна осуда или протест. Ниту од македонската Влада, ниту од ЕУ, или пак т.н. стратешки партнери од НАТО.

Сметаме дека ваквиот курс на надворешна политика водена од ДУИ и СДСМ е недозволив и заради тоа Левица:

🔴 Инсистира на итен прекин на преговорите со Бугарија и престан на работата на т.н. историска комисија;

🔴 Бараме од Македонското МНР бугарскиот амбасадор да биде повикан на сослушување и да му биде врачена протестна, наместо вербална нота, како и прогласување за персона нон грата доколу отворената територијална претензија се констатира;

🔴 Продолжување на билатералните односи со Бугарија исклучиво во рамките на меѓународните организации каде што имаме еднаков статус како Советот на Евтоба, ОБСЕ и ООН;

🔴 Бараме Владата со отворено писмо да побара извинувања од претставниците на ЕУ, кои македонскиот народ и јазик го нарекоа „северномакедонски“;

🔴 Бараме во Собранието на РМ веднаш на дневен ред да биде ставена Резлолуцијата поднесена од Левица против рехабилитацијата и глорификацијата на фашизмот, нацизмот и нивните современи облици и истата да биде изгласана од страна на пратениците” – заврши Симонов.