Германскиот министер за економија најави огромна криза за гас во државата

Германскиот министер за економија Роберт Хабек повика на севкупно намалување на потрошувачката на гас во земјата заради избувнувањето на кризата во енергетскиот сектор поради анти-руските санкции воведени од Германија односно ЕУ.

„Имаме гасна криза! Како федерална влада, правиме се што е можно за да ја стабилизираме ситуацијата во снабдувањето со енергија“, рече функционерот во интервју за магазинот Шпигел.

Тој нагласи дека „потрошувачката на гас мора да се намали секаде каде што е можно“.

Според министерот, недостигот на гориво може да доведе до прекин на сите пазарни процеси, што се заканува целосно да затвори некои од индустриите.

Ден претходно, Германија ја активираше втората фаза од планот во три фази за справување со вонредната состојба во гасниот сектор. Така, во првата фаза, властите создадоа координативен штаб и почнаа да го следат темпото на полнење на складиштата. Со втората фаза се воведува состојба на тревога, но компаниите сепак можат сами да одлучат колку да ја намалат потрошувачката. Во последната фаза се воспоставува режим на вонредна состојба, кој и овозможува на државата сама да распределува ресурси.

Европската комисија, по почетокот на воената операција на Русија во Украина, го разви планот „REPowerEU“. Таа предвидува намалување на увозот на руски гас за околу 100 милијарди кубни метри – за две третини – до крајот на годината. Според Меѓународната агенција за енергетика, ЕУ има увезено 155 милијарди кубни метри природен гас од Русија во 2021 година, што е 45 отсто од европскиот увоз и 40 отсто од вкупната потрошувачка.