Гаврил Трајковски: Сите за Копанки, Копанки за некого

Советникот на Левица во Општина Битола, Гаврил Трајковски во своето гостување на Радио Б-97 Битола говореше за спорната одлуката на советот во Битола со која ќе бидат доделени 3.800.000 денари на приватното здружение ПСК Пелистер за обнова на планинарскиот дом Копанки. Во продолжение ви пренесуваме дел од интервјуто.


Радио Б-97 Битола: Во текот на вчерашниот ден имаше седница на Советот на Општина Битола, како точка на Дневен ред беше ставена изградбата на Копанки. Вие бевте гласен и зазедовте јасен став по истата точка, како гледате на оваа точка?

Копанки е болна тема за Битола и битолчани, можи да се каже дека е најсензитивната тема на локалната политика во историјата на нашиот град. Точка сензитивна како Копанки не заслужува да го дополни Дневниот ред на 5 минути пред почетокот на седницата. Материјалите по таа точка беа доставени додека веќе траеше седницата. Копанки е обемна тема, како што кажав сензитивна и не можи да се донеси одлука толку лесно како што бевме сведоци на вчерашната седница.

Радио Б-97 Битола: Имавте доста долг говор во врска со оваа точка, дали ќе можи да ни објасните зошто гласавте против?

Нашиот став ќе го поделам во неколку делови, програмскиот дел од буџетот и комисијата за млади и спорт, носењето на самата одлука и статутарните промени на здружението. Ќе започнам со Програмата за млади и спорт која се однесува на планинарските здруженија.

Вчера бевме сведоци на доделување парични средства од буџетот на Општина Битола, без претходно да има јавен повик до здруженијата. И со ваквото однесување на локалната самоуправа, ПСК Пелистер е ставено во привилегирана положба како здружение со програма и активности во планинарењето и зимските спортови, затоа што скоро целиот буџет од програмата беше доделено баш на тоа здружение, без можност останатите здруженија да конкурираат на јавен повик на кој треба да се побараат услови за доделување на тие средства. Комисијата се одржа истиот ден, но на комисијата не присуствуваа вработени од секторот спорт, а точката беше презентирана од страна на Секретарот на општината кој не е експерт во таа област. Кога ги разгледувавме материјалите не наидовме на тоа дека средствата се наменети за изградба на Копанки или било какви инфраструктурни зафати.

Ќе преминам на Одлуката која беше вчера донесена од страна на коалиционите партнери Поинаку и ДПМНЕ. За да им објасниме на слушателите што точно пишува во истата.

Доколку го разгледаме Членот 1 од Одлуката вели:

„Со ова одлука се одобрува барањето за финансиска поддршка и доделување на финансиски средства на Планинарскиот спортски клуб „ПЕЛИСТЕР“ Битола во висина од 3.800.000,00 денари за програмски активности и создавање на услови за подобрување на планинарските и скијачките спортови, согласно Програмата за активностите во областа на спортот и младите во Општината Битола за 2022 година.“

Во овој член јасно е дефинирана намената на средствата, никаде не е споменат Копанки или било каков инфраструктурен зафат. Популизмот кој Поинаку го пумпа на социјалните мрежи е единствено да ја сокрие од јавноста вистината за оваа Одлука, а тоа е дека никаде во одлуката не е споменат планинарскиот дом Копанки и дека средствата не се за планинарскиот дом, тие се доделуваат на здружението.

Во Членот 3 му се дава овластување на Градоначалникот да го потпише налогот за исплата на финансиските средства кои што се одобрени со оваа одлука, а таа привилегија со самиот избор како Градоначалник му е загарантирана. Што значи дека јасно можи да се види дека Поинаку и ДПМНЕ се толку збратимени што носат Одлука со која Градоначалникот се заштитува од кривичен прогон и теретот за доделувањето средства на овој начин паѓа на Советот на Општина Битола, бидејќи секој советник е заштитен од кривична одговорност по Член 43 од законот за локална самоуправа.

Во третиот дел ќе го опфатам актуелизираниот Статут на ПСК Пелистер кој претрпи измени, за подоцна кога го разгледавме да видиме дека тоа е само уште еден иницијатор за задните намери на оваа Одлука. Прво ќе зборувам за Членот 58 каде наводно имотот на здружението ќе припадни на Општина Битола, тоа е скоро и невозможно сега ќе образложам зошто.

Во Членот 58 во ставот два тие се оградуваат од Општина Битола и нејасно стои зборот инициран престанок што во иднина иницијатор за престанок може да бидат и членовите на самиот клуб, а доколку згаснувањето е иницирано или локалната самоуправа има тенденции за истото да згасни, недвижниот имот ќе се додели на друг планинарски клуб со седиште во Општина Битола а за истото ќе одлучи Советот на здружението.

Втор член од Статутот на здружението кој е штетен по Копанки е Членот 54 во кој јасно се утврдува дека објектите можат да се издаваат под закуп, концесија и слично.

Со овој член директно се наштетува на планинарскиот дом и во иднина Копанки може да биди издаден под концесија и истиот да се претвори во угостителски објект, во кој профит ќе има концесионерот но не и битолчани!

Затоа за вакви Одлуки во најмала рака требаше да се прашаат граѓаните со спроведување анкета, дури имаше простор за свикување на локален референдум на кој ќе се одлучеше дали граѓаните сакаат да се дадат пари од буџетот на таков начин, за таква намена со тоа што Копанки е приватна сопственост.

Левица и понатаму ќе го штити јавниот интерес и ќе се залага сите вакви објекти да припаднат на државата односно општината. Левица е против секаква приватизација, давање под концесии на државен имот или било какво оттуѓување на државен имот.

За крај сакам да ги известам битолчани дека паролата СИТЕ ЗА КОПАНКИ, КОПАНКИ ЗА СИТЕ. За жал од вчера гласи СИТЕ ЗА КОПАНКИ, КОПАНКИ ЗА НЕКОГО!