Владата учествувала во подготовката на понижувачкиот нацрт – предлог на ЕУ

(▪️Прес-конференција на портпаролот на Левица, Амар Мециновиќ)

“Јасно е дека Министерството за надворешни работи, Секретаријатот за европски работи, кабинетот на Премиерот, како и кабинетот на Претседателот, биле запознаени со нацрт-предлогот на Европската Унија, и македонската страна учествувала во неговата подготовка.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи и премиерот Димитар Ковачевски одбиваат да го коментираат овој нацрт-предлог, иако во неговото изготвување учестувале наши претставници. Линијата на комуникација преку дипломатски канали помеѓу официјална Софија и официјално Скопје, била активна, како преку медијација на Париз, така и преку директна комуникација.

Двете инстанци на директна комуникација, се при посетата на Весела Чернева, советничката за надворешна политика на бугарскиот премиер Кирил Петков во Скопје, додека другата е при посетата на министерката за надворешни работи Теодора Генчовска на опожарениот провокаторски, нео-фашистички културен клуб кој го носи името на Ванчо Михајлов.

Отсуството на транспарентност од нашата страна е очекувано, бидејќи Владата на СДСМ и ДУИ, која не зависи од електоратот, туку од служењето на надворешни интереси и од создавање на привид за европска извесност, која е очевидно неизвесна, е спремна да изврши уште едно предавство на националните интереси.

Од новиот предлог на Европската унија, јасно се наметнуваат нови (не)европски барања, кои го загрозуваат правото на самоопределување на македонскиот народ и ја деградираат македонската државност. Европските партнери ги инкорпорираа речиси сите негаторски барања на бугарската влада и застанаа во одбрана на шовинизмот и насилничката дипломатија на соседните држави. Врз грбот на Македонија, европската бирократија ќе постави нов преседан – билатерален спор помеѓу две држави станува дел од преговарачката рамка за пристапување кон унијата.

Доколку се земе во превид методологијата за пристапување, предложена од Франција, со која се овозможува и веќе затворените поглавја одново да се отворат, јасно е дека Бугарија во целиот процес ќе има неограничена можност да го користи правото на вето до недоглед.

Од Брисел не можеме да очекуваме кочници за серастечките бугарски апетити!

Повторно повикуваме на итен прекин на преговорите со Бугарија и апелираме и останатите парламентарни партии да излезат со ваков став – во спротивно, ќе бидат директни учесници во уште едно национално предавство. Доколку Европската Унија не може да го прифати македонскиот народ, јазик, држава и култура – такви какви што се, тогаш дојдено е времето за нова надворешно-политичка алтернатива.

Министерот Османи и Премиерот Ковачески да произнесат став за учеството на македонската страна во подготовката на нацрт-предлогот на ЕУ.”