Германската влада одобри распоредување на војници во Босна и Херцеговина

Германската влада одобри распоредување на војници во Босна и Херцеговина како дел од мировната мисија на Европската Унија.

Владата во Берлин одобри распоредување на 50 војници како дел од мировната мисија на ЕУФОР Алтеа, која Германија ја напушти кон крајот на 2012 година.

Оваа одлука треба да биде усвоена од германскиот парламент и ќе стапи на сила од 30 јуни 2023 година.

Портпаролот на германското Министерство за одбрана, Дејвид Хелболд, рече дека некои војници ќе бидат распоредени во седиштето на ЕУФОР во Сараево, а други ќе пополнат два таканаречени тимови за врски и набљудување.

ЕУФОР веќе го зајакна својот контингент во Босна и Херцеговина со дополнителни 500 војници и моментално има вкупно 1.100 војници. Најновото засилување го сочинуваат војници од Австрија, Бугарија, Романија и Словачка.

Изговор за зголемувањето на ангажманот и бројот на војници пред се на територијата на Република Српска е руската инвазија на Украина и поради како што велат од ЕУ стравот дека Москва може да има влијание и во други земји.

Сегашниот мандат на ЕУФОР истекува во ноември, а за продолжување на мандатот за уште една година одлучува Советот за безбедност на Обединетите Нации.