Државна матура: испит на зрелост за средношколците или доказ за незрелоста на образовниот систем во Македонија?

  • Пишува Ѓорѓи Јачев – член на Црвена Младина

Со решение на министерот за образование и наука бр. 11-6099/2 од 10.10. 2005 година усвоена е Концепцијата за државна матура. Истата за првпат се реализирала во учебната 2007/2008 година, односно пред речиси една и пол деценија што е доволно време за да може да се согледа функционалноста на полагањето на овие испити.

Истите се од голема важност затоа што оцените од државна матура се земаат за меродавни при упис на факултетите, односно имаат директно влијание врз натамошниот кариерен развој на учениците.

Од воведувањето во 2007/2008 година средношколците беа ослободени од полагање матура во учебната 2019/2020 година затоа што МОН не беше подготвено да организира каква било настава за учениците кои ги испрати дома во март 2020, два месеца пред крајот на наставната година која за завршните класови во средните училишта трае до 20-ти мај.

Иако генерациите по таа генерација која што пропушти сѐ на сѐ два месеци од редовната настава беа во далеку полоша ситуација со оглед на тоа што имаа скратена наставна 2020/21 при што наставата беше класична импровизација на учење од далечина, како и скратена наставна 2021/22 година кога од второто полугодие не остана речиси ништо земајќи предвид дека зимскиот распуст беше продолжен, а во април не се организираше настава поради генералниот штрајк на вработените во образование, а атурантите собираа потписи за ослободување од државната матура, нивното барање не беше усвоено.

Јас, како матурант кој полагаше државна матура сум целосно незадоволен од начинот на кој се одвиваа испитите. Голем број од тестаторите очигледно не работеа по протокол, оттука уште за време на одвивањето на самите испити можеа да се видат принтскринови на испитните прашања во разни групи на социјалните мрежи. Кружеа и снимки од тестатори кои дури и директно им помагаат на учениците, како и гласини дека во дел од училиштата во Западна Македонија учениците добивале тестови кои се веќе решени.

Учениците укажуваа дека некои од професорите воопшто не биле упатени ниту пак заинтересирани како се спроведува и оценува државната матура.

Оттука излегува дека сите ученици не ги полагаа испитите во еднакви услови. Додека дел од тестаторите доследно си ја исполнуваа обврската, други дозволија препишување, употреба на телефони за време на испит и слично. Резултатите кои треба да бидат меродавни при упис на факултет во пракса се целосно потсмевање со доследните наставници и учениците кои самостојно работеле.

Затоа сметам дека ваквата матура е фарса и дека за вистинско тестирање на матурантите кои сакаат да го продолжат своето образование на некој од факултетите треба да се организира проверка на вистинските знаења, што очигледно не е можно со начинот на кој во моментот се реализираат испитите од државната матура.