Левица: Незаконска сеча на една од последните зелени површини во Дебар Маало

  • Реакција на Левица – ЛО Центар

Градоначалникот и општинските служби за викенд и без знаење на граѓаните вршат непријавена сеча врз една од последните зелени површини во Дебар Маало. Изведувачот каде што се исечени дрвата нема означено и обезбедено градилиште, работи без поставена табла и нема дадено известување до засегнатите станари спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за зеленило.

Апелираме да не се повтори кастрење на крошни и зеленило, да се превземаат мерки за заштита од штетници, отстранување на искастрени гранки и отпад од зелените површини или други мерки и активности за зачувување на зеленилото кое не смее да биде на штета на јавното уредување и управување и здравјето на граѓаните на Општина Центар.

Го повикуваме и градежниот инспекторат да излезе на терен и да направи увид со цел разјаснување зошто овој зафат се одвивал воопшто и тоа без поставување на соодветна табла за обележување што е спротивно на законот за ваков тип на активности.

Советниците на Левица во Општина Центар ќе бараат одговорност и расветлување на непријавената сеча.