Приказната за статусот на македонскиот јазик во ООН не е наивна
- Пишува: Александар Симонов, Координатор на Левица – Сектор Надворешна политика
Во јавноста се појавија нови гласини согласно кои Секретаријатот на Обединетите нации на службите во Секретаријатот им наложува наместо терминот „македонски јазик“, да го употребуваат терминот „јазикот на Република Северна Македонија (РСМ)“.
Ваквата шпекулација беше демантирана од страна на Министерството за надворешни работи. Но, кај македонскиот народ останува основано сомневање во нивниот демант! Човек „изгорен од млеко и на јогурт дува“, а ситуацијава е далеку од „јогурт“, особено имајќи ги предвид бројните претходни деманти на Министерството кои подоцна се обзнаниле како вистинити. Дополнително, можеме ли да очекуваме да го зачува македонскиот јазик, Владата која не успеа да ја зачува ни кратенката ‘МКД’?
Демант постои, но простор за наивност не! Ова на многумина им изгледа како дневнополитичка будалаштина, бркана од прегратката за згрнување на „политички поени“, но не е така. Во превезот на бремето во кое суштествуваме, панично ќе кажам, можеби сме една од последните генерации која има шанса преку државен апарат да се бори за Македонија. Приказната за која почнав да зборувам, крие извитоперена итроштина.
Индикациите укажуват на тоа дека ова е само еден „пробен балон“ пуштен во македонскиот дуњалук чија цел е да се опипа пулсот, сензитивноста и односот на Македонецот кон сопствениот јазик. Тенденциозно наѕира готовноста на политичката елита, ова прашање преку процесуирањето на етапите од системски прецизниот „овертонов прозорец“ постепено на рајата да ѝ сервира нова национална катастрофа.
За овертоновиот прозорец којшто го споменав, чувствувам должност да го објаснам. Тој е операција која има моќ незамисливото и недозволивото да го преточи во законски регулирана општествена норма, која дури и ќе биде извор на морално поведение.
Тоа се движи вака: Неприфатливата идеја се пушта во дискурс и си врви во прва фаза каде има статус на нешто незамисливо да го прифати рајата. Таму си бдее како мракнат туман под кој никој не сака да се најде. Минува време и оп, втора фаза, радикална! – Се појавува некоја будала (во случајот кај нас квислингзи ги викаме) која почнува да претставува како треба да влеземе во туманот, сите ја гледаат идејата како радикална и неприфатлива, ама свесни се дека постои. Минува време, туманот си бдее, ти си изнаслушан од радикалната идеја толку многу што веќе ти е нормална и оп, трета фаза, радикалната идеја станува прифатлива. Вртела, вртела низ когнитивната дисонанца на рајата, либаралштината прва во желбата за прогрес прифатливата идеја ја промовира, не си ни приметил, минува време, неприфатливото станало разумно, а процесот уште одамна е во четврта фаза. Сега веќе е разумно да отидеме под туманот!
Минува време либералите несвесни за штетата што ја прават, убедени во улогата „носители на прогресивизмот“ чувствуваат потреба разумното да го стандардизираат. Оти нели, се што е разумно е човекова потреба и треба да се регулира. – Се појавува квислинг, со малку драма, претставување на зрелост, жртва и борба за подобра иднина, разумното станува општествена норма, стандардизирана, во Устав и Закон. Не ни примети, отрпнат си на идејата дали одиш во туманот или не, заокружена е петата фаза. Согласно Уставот и законите полетуваме, право во туманот.
Е така оди работата, влагаш во туманот, мрак, се губиш, нема назад, електричните празнења те горат, исчезнуваш, те нема! – Така врвеше приказната за името, така врват една по една сите приказни, и за историјата, и за антифашистичкото минато, и за револуционерната борба, и за средновековното постоење, и за јазикот и за сѐ!
Да се навратам на состојбата на која сакав да укажам, ЈАЗИКОТ, преку кој се дига летвичката за артикулирање на сите бугарско-избугарени барања.
Се сеќавате на моментот кога првпат ги објавија бугарските барања и само за неколку часа им се случи народ на улица, пред Влада? – Тој момент им даде јасен сигнал на овие, одозгора, за гневот кој го гаи народот кон квислингшките процеси, а локалните избори дополнително им ја открија поврзаност на гневот со политичката фигура на некогашните „револуционери“. Доволно беше на екраните да ги видиш Шеќеринска, Димитров, Заев… и веднаш да почуствуваш гнев и потреба од спротивставување.
За процесот олеснително да продолжи, потребно беше гневот на рајата да се редуцира. Затоа фигурите на шаховската табла ги сменија, тактиката ја сменија, сега не изнесуваат избугарени барања наеднаш, за да не се случи народ на улица, одат едно по едно, малку по малку.
Ваквата работа е хирушка, затоа со Министерството за надворешни работи го ставија да управува хирургот Бујар Османи. Сега промената е евидентна, во изминатите месеци после секоја средба со бугарски претставници, или оние на ЕУ, константно кога се враќа дома носи вести за барања кои немилосрдно (хирушки прецизно) отсекуваат делови од македонскиот идентитет. Целта им е остварена, сега тоа не претставуваат нагли пресврти, туку нормален тек во распродавањето на државата, каде народ нема на улица.
Да беше проблемот само овој дел од политичката елита, тогаш играта ќе беше поинаква. Проблемот се крие во привидната опозиција, што империјалистичката чизма ја лиже, ама од другата страна. И не е дека откривам тајна, туку неумешноста на аденауерските бројлери, лесно навредливи заради возвишеноста на европската суета, ги уби привидите за различно поставување во надворешната политика. Дополнето се кадарноста на Возвишениот Лидер во обид кој никогаш и немал проблем со незастапувањето на народната маса, примарниот идеал за достигнување им е како во туѓиот систем да се биде штравче кое има некаква улога.
Затоа, имајќи ја во предвид „умешноста“ на пионите во туѓата партија шах, неминовно процесот за македонскиот јазик се тегне накај втората фаза. Единствен начин за самозаштита е народната имплусивност, која создава партизански силна врева, подготвена да се прелее на улица при секој обид за хирушко отстранување на некој дел од тоа што го викаме Македонија. Оти ако секогаш чекаме некој Ламбе за да има врева, незабележително и глатко ќе не движат по патот на „овертоновиот прозорец“ каде итаат кон следната фаза.
За крај, да се вратам на почетокот, кај демантот со кој ја започнав прикзната. Владата предводена од СДСМ и ДУИ безброј пати демантираше дека за отпочнување на преговорите со Европската Унија, Бугарија нема да бара промени на македонскиот Устав, за денес овие барања да бидат основен услов за отпочнување на преговорите! Од сите деманти кои подоцна се обзнанија како вистинити, МНР единствено што не демантираше, туку потврди, кратенката за Македонија која ќе се користи во НАТО ќе биде „NM“ (North Macedonia).