Левица: Македонското непроценливо културно богатство гние по депоата во Албанија

  • Реакција на Левица – Сектор култура

Пред повеќе од една декада од црквите од Западна Македонија беа украдени дваесет икони од непроценива вредност, меѓу кои и дела на Дичо Зограф, кои денес скапуваат по депоата на албанската полиција поради неажурноста на македонските власти.

Додека албанските власти беа ажурни во наоѓањето и приведувањето на крадците, нашата власт сè уште спие.

Иконите беа украдени пред дванаесет години од Македонија и пренесени во Албанија. Откако крадците беа осудени во 2015 година и истовремено за тоа беа информирани македонските институции, сè уште нема информација зошто не е покренато било какво барање од страна на Министерството за култура, кое е единствено надлежно за овој случај. Додека власта тактизира со политичко пазарење и смени неколку министри за култура, судските инстанци во Албанија во меѓувреме оценија дека иконите треба да преминат во корист на албанската држава.

Дел од иконите кои се непроцениви за македонското културно наследство, се веќе и оштетени поради несоодветен третман и транспорт.

Знаеме дека оваа власт не само што не води грижа за македонската историја, идентитет и културно наследство, туку се наметнува и прашањето дали можеби, преку негрижа, тенденциозно учествува во уништување на сопствените историски, културни и идентитетски артефакти?

ЛЕВИЦА, како единствена одговорна партија во Република Македонија, остро се спротивставува на ваквата политичка индолентност и губењето на вредни културно-историски артефакти. Повикува на брзо решавање на овој случај и експедитивно враќање на културното богатство во македонските цркви.