Никарагва дозволи присуство на руската армија

Претседателот на Никарагва, Даниел Ортега дозволи руски војници, авиони и бродови да бидат стационирани во Никарагва за обука, спроведување или одговор на вонредни ситуации.

Никарагва дозволи распоредување руски војници, авиони и бродови во државата. Со декретот Ортега ќе им дозволи на руските војници да извршуваат задачи за јавен ред, хуманитарна помош, мисии за спасување и пребарување во итни случаи или природни катастрофи. Согласно одлуката на Владата во Никарагва се дозволува и присуство на мали контингенти руски војници за „размена на искуства и обука“.

Ова не е првпат Никарагва да дозволи пристап на руската армија на нивна територија.

Според Портпаролот на руското МНР Марија Захарова нема ништо сензациско во декретот за привремено присуство на странска војска, вклучително и руска, на територијата на Никарагва. Таа додаде дека Русија долго време соработува со оваа земја, а оваа соработка е од отворен карактер.

„Би сакал веднаш да ги уверам ‘жешките глави’: зборуваме за рутинската – двапати годишно – процедура за усвојување во Никарагва закон за привремен прием на странски воен персонал на нејзината територија со цел да се развие соработка во различни области, вклучително и хуманитарен и итен одговор, борбата против организираниот криминал и трговијата со дрога“, објасни Захарова во коментар за РИА Новости.

Ортега се смета за верен сојузник на Русија откако ја предводеше револуцијата во 1979 година, со која беше соборен диктаторот Анастасио Сомос. Ортега беше претседател од 1985 до 1990 година, а беше реизбран во 2007 година.