Сите Лидии, Рашковци, Јанакиевци на нашата јавна администрација

Последниот медиумски напис за отворање кривична постапка од страна на Основното јавно обвинителство против поранешната директорка на Националната агенција за образовна мобилност (НА), Лидија Димова, е само уште еден во низата случаи на прогон за злоупотреба на службена должност во оваа институција, а повторно оваа агенција е на тапет за измама и злоупотреба на државните и европските фондови од страна на раководниот ешалон. Каква ќе биде разрешницата, ќе видиме, но се наметнува прашањето – како е организирана оваа агенција, кога е толку лесно да се злоупотребат нејзините милионски буџети?  Еве како:

Веб-страницата на Националната агенција (НА) нема:

– извештај за 2021 година, ниту финансиски, ниту наративен. Во јуни 2022 година на страницата стои – наскоро

– извештај наративен нема за ниедна од изминатите години

– нема информација за конкретни цели /резултати изразени во бројки. Во стратешкиот план за 2020 – 2023, целта на НА да ти била во рамките на главната европска – а таа е 12 милиони ученици – учесници во Еразмус + програмата во Европа. Сопствена цел – нема. 

Значи, со милионскиот буџет на НА, нашите ученици и наставен кадар треба учествуваат, но во која планирана бројка, и во колкав удел од годишниот план за искористување – тоа е превисока математика. За да нема мерлив излез, за кој ќе одговара – раководството.

Веб – страницата на НА затоа има:

– работна биографија на директорот, од каде дознаваме дека на 30 г. станал директор на НА;

– Стратешки план 2020-23, без мерливи излезни резултати, и со реализирани резултати напишани во форма непозната за стратешки документ наменет за возрасни: прием на апликации, испраќање писмо за прием и со испревртени страници;

– органограм на кој се гледа дека НА има 13 раководни позиции + директорската;

– Управен одбор кој сеуште е во функција, како кога бил и во времето на поранешната директорка, против која ОЈО води истрага;

– Линкови до НА од другите европски земји;

– Годишен план за 2021 за спречување на корупција, во форма непозната за документ наменет за возрасни: без ниедна конкретна мерка или цел, каде под заглавие Конкретни мерки стојат 10 декларативни општи начела, наместо конректни мерки. Изготвен и потпишан од троца магистри!   

За споредба, Хрватската Национална агенција (ХНА) има:

– Воведен збор од директорката, чија работна биографија не ни е дадена, но се гледа дека е повозрасна од 30 години, зашто дава конкретен излезен резултат од нејзината работа, 98% искористеност на европските и државните средства за сите европски програми – критериум што нашава НА ниту го рапортира на веб-страницата, а камоли да го достигне.

– Има извештај за 2021 година и за сите изминати години, и детален финансиски и наративен, со резултати изразени во бројки, не во испратени писма за прием и апликации, и не со извртени страници

– Има извештај од сите седници на Управниот одбор

– Има работни годишни планови, со конкретни и мерливи показатели за успех

– Од веб-страницата гледаме дека хрватската НА троши 3-4 пати помалку средства за договорни и интелектуални услуги (надворешни консултанти) од буџетот за плати на вработените во НА. Пр. во 2020 година, буџетот за плати им бил 13 милиони куни, а буџетот за договорни (интелектуални) услуги бил само 4 милиони. 

Во Македонската НА, во 2020 г. буџетот за плати бил 18 милиони ден, а буџетот за договорни (интелектуални) услуги бил „сам“ 44 милиони. За 2021 планираниот ребаланс на буџет за плати бил 18 мил.ден., а за интелектуални услуги 43 мил.денари.

Интересно ќе биде на кој начин, 30-годишниот директор на нашата Национална Агенција ќе го обели образот на Владата што го поставила на фуннцијата и ќе ја спречи понатамошната копрупција во оваа важна агенција, која повеќе наликува на Агенција за приватни патувања во странство на европски и државен трошок, за мои-твои во образовниот сектор.

На истиот начин на кој изминатите влади на концернот ДПМНЕ-СДСМ-ДУИ создадоа јака бирократија, слаба држава и сиромав и угнетен народ: неотчетност, нетранспарентност, немање силни контролни механизми внатре, немање департизирана администрација одбрана по заслуга и без врски, општи и декларативни цели и документи, кои придонесуваат за непотизмот, приватни/партиски врски и зделки.