КИЦ организира чествување на поезијата на Коста Солев Рацин

По повод 79 години од смртта на македонскиот партизан и поет Коста Солев Рацин, Културно информативниот центар организира настан за чествување на неговата поезија, кој ќе се одржи во понеделник на 13 јуни, во салонот 19:19 со почеток од 20:00 часот. Во прилог ви го пренесуваме соопштението на КИЦ:

Речиси осум децении од смртта, а сè уште ненадминлив, сè уште најсакан од нацијата, сè уште токму неговите стихови се оние кои секој Македонец умее да ги каже наизуст. Љубовта и почитта се нешта што не се стекнуваат сосила, а нашиот Рацин е токму од обичниот, питом македонски народ прифатен за свој, како најголем меѓу големите.

На 13 јуни се одбележува годишнина од неговата несреќна смрт на Лопушник, до ден денешен обвиена со мистерии и нејаснотии. Во таа чест, го празнуваме неговото име. На денот на неговата погибија, ќе се сеќаваме со радост на него и на оставеното наследство за неговиот народ. Ќе се потсетиме не само на неговите стихови, туку и на сето негово творештво кое просто дише од длабоките познавања на философијата, историјата, а сето тоа е толку големо зашто е напишано со крв и страст.

Ќе учествуваат: Тихомир Јанчовски, Моника Силјановска и Горазд Китановски

Кочо Солев Рацин (Велес, 22 декември 1908 – Лопушник, 13 јуни 1943) — македонски книжевник и комунист, најпознат по својата поезија. Се смета за еден од основоположниците на современата македонска книжевност, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ (Загреб, 1939) претставува едно од најзначајните дела во современата македонска поезија. Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза, а напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и книжевната критика.