Зошто зонското паркирање не е решение за проблемите со паркирање во Општина Карпош?

  • Реакција на Мартин Димоски – член на ЦК на Левица и член на Совет во Општина Карпош

На деветата седница на Советот на Општина Карпош, на мое изненадување, мнозинството советници (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ) кренаа рака за воведување на зонско паркирање на територијата на Општина Карпош. Советниците како да заборавија на нивните ветувања како и на ветувањата на нивните претходници за тоа дека во Општина Карпош нема да има зонско паркирање.

Идејата за зонското паркирање потекнува уште од пред неколку години кога тогашниот градоначалник на Општината, Стефан Богоев, најпрво ги уверуваше карпошани дека нема да има зонско паркирање, наголемо промовирајќи ги проектите за еко монтажни паркиралишта. По само некоја година, истиот тој градоначалник го најави зонското како “решение“. Сега, мај 2022 година оваа идеја добива и зелено светло.

Од она што можеше да се види изминатите месеци низ медиумите е тоа дека главен протагонист на оваа идеја е ЈП Градски Паркинг. Во очи ми падна соопштение на ова Јавно претпријатие објавено пред неколку месеци, а пренесено од повеќе медиуми.

„Предвидено уредување на територија во Карпош 1 се улиците: Гиго Михајловски, Иван Аговски, Даскал Камче, Руѓер Бошковиќ и Никола Тесла. Со реорганизација и реконструкција на овие јавни површини на кои би се вовело зонско паркирање, јавното претпријатие би овозможило паркирање за околу 400 возила. Во Карпош 2 предвидено е да се оспособи потегот од булевар 8 Септември, улица Бранислав Нушиќ и улица Веселин Маслеша, со што би се ставиле во употреба приближно 300 паркинг-места“ стоеше во соопштението.

Е сега, од напишаното, логичното прашање е следно:

  1. Дали со самото воведување на зонското паркирање жителите ќе добијат нови 700 паркинг места? Ако одговорот е да, тогаш зошто не може да се стигне до оваа бројка и без воведување на зонското паркирање? Зошто и сега не се оспособи потегот од булеварот „8 Септември“ до улците „Бранислав Нушиќ“ и „Веселин Маслеша“?
  2. Ако е не, тогаш со ова се манипулираат дел од жителите кои мислат дека со ова ќе се реши проблемот со паркирање и ќе добијат нови паркинг зони.

Зошто зонското паркирање не е решение за проблемите со паркирањето во Општина Карпош? Одговорот може да се добие доколку проблемот се разгледува на микро ниво, бидејќи во секоја населба или дел од населба, недостатокот на паркинг места е предизвикан од исти, делумно иста или целосно различни проблеми, а концептот кој е понуден не решава буквално никаков проблем.

За прв пример да го земеме Млечен. Хаосот во паркирањето тука е на улиците „Анкарска“, „Атинска“ и „Ристо Равановски“, пред се. Од другата страна на Рузвелтова се наоѓа фабриката Треска, па не може да се каже дека тука се паркираат возила од Општина Центар. Оттука може слободно да се каже дека овој проблем, во овој дел не е импортиран од Општина Центар. 
Проблемот со недостатокот на паркинг места произлегува од бројните згради кои се изградија во овој дел од Тафталиџе изминатите години. Всушност, постоечкиот паркинг простор е недоволен за потребите на резидентното население (бројот на возила на резидентното население, е поголем од расположливите паркиралишта). Овој проблем тука ќе биде уште поголем доколку се изгласа Деталниот урбанистички план кој предвидува нови згради на улицата Багдадска. Е сега, како зонското паркирање ќе помогне да се реши проблемот со паркирање тука, при непроменет фонд на паркиралишта? Одговорот е никако.

Проблемот со недостаток на паркинг места постои и во Карпош 1. Каква е ситуацијата тука?

  1. Три правни лица узурпираат дел од паркиралиштата на улицата „Орце Николов“. Истите ги користат за сопствени потреби (дотур на роба, изложба на производи и сл.)
  2. Едно правно лице узурпира три паркиралишта и на улицата „Драган Ѓаконовски – Шпато“
  3. На улицата „Орце Николов“ и на останатите има бројни хаварисани возила кои со години се паркирани на истата локација

Покрај од горенаведеното, недостатокот на паркинг простор произлегува (исто како и кај Млечен) и од изградбата на бројни згради и надградбата на постоечките згради. Ова особено важи за улиците „Иван Аговски“, „Гиго Михајловски“ и „Даскал Камче“. Ова значи дека и тука, со воведување на зонското паркирање ќе остане постоечкиот фонд на паркиралишта.

За волја на вистината во граничниот дел на Карпош 1 паркираат и возила од Општина Центар. Дали тие нема да паркираат откако ќе се воведе зонско? Одговорот е не.
Тука се паркираат возила не поради тоа што во Општина Центар е зонско, туку поради тоа што со зонското, во Општина Центар не се зголеми бројот на паркинг простор, па и тамошните жители, но и правните лице, се приморани да паркираат на територија на Општина Карпош, поради недостатокот на (слободни) паркинг места во Општина Центар.

По воведувањето на зонското, жителите кои живеат во Општина Центар, оние кои имаат закупено стан, лицата кои работат на територијата на Општина Центар сега ќе одбираат каде да паркираат, дали во Општина Центар или Општина Карпош. Поради тоа што во Општина Центар има голем недостаток на паркинг места, секојдневно, одреден број на возила ќе се паркираат повторно на територијата на Општина Карпош. Тоа значи и дека на карпошани повторно ќе им бидат “одземени“ нивните паркинг места и повторно ќе се јави недостаток на паркинг простор.

Поради исти или слични причини, воведувањето на зонско паркирање во останатите населени места нема да го реши проблемот со паркирањето. Наместо тоа, она што е потребно е реализација на предизборните ветувања со проширување на постоечките паркинг места, поставување на монтажни паркиралишта, реобележување на постоечките паркинзи со цел оптимизирање на просторот, подигнување на хаварисаните возила и ослободување на узурпираните паркинг места. Паркинзи, не зонско!