Во чест на македонскиот јазик

  • Пишува: Даница Среткоска

Јазикот е генетски код на секоја нација, јадро на неговата култура, историја, и воопшто темел на човечката цивилизација. Јазикот, разбран како систем на звуци за пренесување информација, се раѓа како една општествена заедница, стекнува свест, споделена од сите нејзини членови, дека тие имаат свој јазик кој ги поврзува меѓусебно, кој ги разликува од нивните соседи и другите подалечни заедници. 

Македонскиот јазик како член од прасловенската јазична заедница, официјално се роди кога солунските браќа Кирил и Методиј, преведувајќи го Светото писмо, го воведоа во европските, уште тогаш унифицирани, христијански салони.      

Моментот на стандардизација нема никаква врска со раѓањето на јазикот. Потребата за стандардизација се појавува кога општествената заедница што се служи со односниот јазик стекнува политичка независност, станува независна држава или некој автономен регион. За Македонија, потребата за стандардизација се појави по Втората светска војна, кога таа стана една од југословенските републики. Македонскиот јазик со векови бил пренесуван од генерација на генерација, главно, по усен пат, а тоа овозможило на македонската земја да се доразвијат извесни тенденции, што во другите словенски јазици биле спречени поради релативно раната стандардизација.       

Македонците секогаш свесно го чувале својот јазик и колку што можат го штителе од туѓите влијанија (што ни го документира историјата на македонскиот јазик). Сите просветни, културни дејци од деветнаесеттиот век се бореле за чистотата на јазикот, свесни дека тој е еден од основните одлики на македонскиот идентитет. Македонскиот јазик во буквална смисла на зборот можеме да го третираме како запис на култура. Тој претставува вистински трезор,во кој наоѓаме информации кога и од какви извори јазикот прифаќал нови поими и нови термини. Соодветните сведоштва неги носи само стандардниот јазик, туку и живите дијалектни системи зачувани до денеска.

Македонскиот јазик е адаптивен систем, и токму таа моќ за адаптација, овозможила тој да не исчезне, туку да има целосен континуитет низ сите периоди. Иако се карактеризира со доцна литературна стандардизација во рамките на државните институции, неговиот континуитет е неспорен, бидејќи преку дијалектите опстојувал и еволуирал без оглед на непостоењето на некакви општествено-политички рамки (автономност, посебна држава, институции, норма…). “Македонскиот е централен балкански, а периферен словенски јазик” – и како таков треба да го зачуваме.        

Јазикот не е и не смее да биде предмет на преговори и услов за некакви си спогодби. Јазикот е материјал кој не’ поврзува, сплотува, обединува и задржува сите на едно место, објаснувајќи дека тој е коренот на еден етникум. Ние Македонците, треба да продолжиме да го чуваме, негуваме и колку што е можно да го штитиме  јазикот, за нашите идни генерации и за нашата иднина. 

„Чувај го како црнка во очите, без јазик си никој“