Меѓународен ден на трудот 1-ви Мај

  • Фејсбук статус на Левичарскиот институт – Рацин

1 Мај е денот на кој се одбележува меѓународната борба на работниците ширум светот. На овој ден, навраќајки се на работничките борби од минатото водени низ целиот свет, оддаваме признание на последователните придобивки од таа борба на работниците, која ги обликува идеите за социјална правда и основните права на работните места ширум светот. Одбележувањето на 1 мај како симбол на работничката борба, не е посветено само на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците, туку тоа е и манифестација на класната солидарност на работничката класа во нивната заедничка кауза во борбата против капитализмот и империјализмот.

Традицијата за одбележување на 1 мај како меѓународен ден на трудот започнува со одлуката на Втората интернационала, организација на социјалистички и работнички партии, која на својот основачки конгрес во 1889 год. донесла декларација со која се повикуваат работниците од целиот свет на демонстрации на 1 мај со цел подобрување на својата положба. Овој датум беше одбран во знак на почит кон жртвите од штрајкот на работниците што се одржал од 1-ви до 4-ти мај 1886 година во Чикаго. Тогаш на улиците на Чикаго демонстрирале илјадници членови на работничкото движење нагласувајќи ги барањата симболизирани во три осумки: 8 часа работа, 8 часа одмор и 8 часа културно образование. Во следните неколку дена во целата земја штрајкуваат 350.000 работници во 1.200 фабрики. Овој штрајк бил сурово дочекан од страна на властите, кои на 3-ти мај со испраќање на полициски сили врз демонстрантите се обиделе насилно да го задушат. Во овој жесток судир помеѓу работниците и полицијата загинале шест работници а околу педесет од нив биле тешко повредени. Подоцна, многумина од демонстрантите и предводниците на штрајкот биле упасени и осудени со смртни казни, а неколкумина со долга затворска робија.

„Сè додека борбата на работниците против буржоазијата и владејачката класа продолжува, сè додека сите барања не се задоволени, Први Мај ќе биде годишно изразување на овие барања. А кога ќе дојдат подобри денови, кога работничката класа на светот ќе го извојува своето ослободување, и тогаш човештвото веројатно ќе го слави Први Мај во чест на горките борби и многуте страдања во минатото.“ – Роза Луксембург

Првото одбележување на денот на трудот во Скопје во 1909-та година.