Каква култура ќе промовира новоотворениот културен центар во Битола

  • Реакција на Левица – Сектор култура

Откако викендов во Битола бевме сведоци на понижувачкиот и навредлив настан – отворање на културен центар со име „Ванчо Михајлов“, деклариран фашист и негатор на македонската нација и јазик, македонската јавност е згрозена! Особено е морничав обидот рециклирањето фашистичко име да се прикаже како мост на соработка. Реакциите не стивнуваат, граѓаните се револтирани и разочарани. Тоа е катастрофален потег во развојот односите на двете соседни држави и капка што ја прелеа и онака преполната чаша.

Грозоморно е чувството што обзема кога ги гледаме снимките од полициско обезбедување на настанот, кое потсетува на некогашната окупација, додека бугарскиот политички врв парадира низ Широк сокак, како да го освоиле, како да е нивно, проследено со нивните добро познати изјави на негација и омаловажување. Со овој чин на провокација се докажа дека фашизмот е пожив од кога и да е, а Европа тоа го одобрува. Историјата не може да се заборави и измени по нарачка и за задоволување на нечии желби и барања. Дел од борците во НОБ се сѐ уште живи, а живи се и сведоштвата кои на своите поколенија ги пренесоа оние партизани кои веќе не се меѓу нас.

Ова е класично демонстрирање на сила, зад лажно подадената рака вреска пораката: „Можеме да дојдеме во вашиот дом и да правиме што сакаме, да ве навредуваме и омаловажуваме!“ Небулозно е да насликаш мурал на кој еден до друг ги ставаш Гоце Делчев, Ванчо Михајлов, Тодор Александров и Јане Сандански! Што да се каже освен дека поради ваквото сквернавење во гроб се превртуваат сите што животот го имаат дадено за самостојна Македонија.

Неминовно се поставуваат прашањата:

• Каква култура ќе застапува овој културен центар или клуб? Фашистичка?

• Со каква културна дејност ќе се занимава? Асимилација?

• Ако навистина се работи за културен центар, тогаш зошто не носи име на некој културен деец?

• Зошто на настанот не присуствуваше ниту еден писател, уметник, музичар и тн., туку само политичари и тоа оние најревносните негатори на Македонија.

Најпоразително е тоа што политичарите платени од парите на граѓаните да ги застапуваат нивните интереси, сервилно молчат и го одобруваат овој настан, под плаштот на демократски права и слободи, а реакцијата на најголемата опозициска партија е латентна и незабележителна. Сите чекори што досега ги направија водат во амбис.