Османи: Од решението со Бугарија ќе има незадоволни

Вчерашната прес-конференција на Министерот Османи беше одбележана со најавата дека постои документ кој Македонија е спремна да го прифати по однос на преговорите со Бугарија.

Оваа изјава, предизвика бурни реакции во јавноста, пред сѐ заради недовербата која македонскиот народ ја има и во Владата, и во Османи.

Од Левица денес излегоа со реакција во која се посочуваат сомневањата дека „Владата турка ново велепредавство зад затворени врати“, а главна причина за ова сомневање е тоа што овој документ Владата и Министерот го кријат, како од пратениците така и од народот.

Но, се чини дека уште сме далеку од кулминација, а кулминацијата ја најави Османи, со изјавата во која сам потврди незадоволство кај народот од постигнатото решение.

„Доколку покажете било какво двоумење во вашето убедување дека ова е правиот пат по кој што треба да се одвива ова прашање, мислам дека тие што не сакаат да се најде решение тоа ќе ги охрабри. Така што, двете влади во нашите општество ќе наидеме на отпор, на критики. Било кое решение да го ставиме на маса ќе има незадоволни,“ – изјави Османи.

Што се крие зад решението јавноста сѐ уште не знае, но повеќе од извесно е дека ако Владата го крие и однапред најавува дека очекува незадоволство кај граѓаните, тогаш веројатно сомневањата дека нешто лошо одново и се сервира на Македонија се целосно оправдани.