Битката за Донбас ќе го реши исходот на војната во Украина

Пишува: Дарко ТодоровскиМагистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Војната во Украина е најголемата војна во Европа после Втората Светска Војна. Истата е најголемата и за жал, најкрвавата војна во 21 век. Војната во Украина е од големо историско и геополитичко и геоекономско значење и од нејзиниот исход зависи во многу траекторијата на меѓународните односи во светот.  Се работи за војна каде што воените дејства се од висок интензитет, со користење на сите видови оружја и огнена сила.

Прогнозирањето во модерното војување е неблагодарна задача. Особено во услови на модерно војување во 21 век, кога војната не само што е продолжување на политиката со други средства, кога не постои јасна граница помеѓу војната и мирот, и кога големо влијание над политиката, а со тоа и над воените операции имаат медиумите и информативната поддршка и пропаганда. Секоја војна или воена операција после нејзиниот почеток е обвиена со магла, и секоја војна си добива свој тек и правец, кој што е различен од шаблонот на кој што сме навикнати. 

Ќе се обидам да ја моделирам претстојнaта битка за Донбас, која што најверојатно ќе го реши исходот на војната во Украина, како и траекторијата по која што потоа ќе се движат и развиваат и Украина и Русија.

Во 21 век никогаш немало битка од толкава големина како битката за Донбас, а во Европа немало од Втората светска војна. Битката за Донбас, за која подготовките траат веќе неколку дена од двете страни, ќе го реши исходот на војната во Украина, доколку претходно дипломатите на преговарачката маса не си подадат рака и не склучат мировен договор кој ќе стави крај на војната, но договор од кој што и двете страни нема да бидат задоволни.

Во Донбас се создаваат две моќни воени групи од двете завојувани страни. Русија преместува војници од другите правци (Киев, Чернихив, Суми) како и од внатрешноста на Русија. Покрај на Донбас, ударна група е стационирана и во Курската област. Плус после ослободувањето на Мариупол додатни 50 000 војници ќе бидат префрлени на правецот Славјанск – Краматорск. Украина, слично на Русија, преместува војници од  под Киев, Чернихив и Суми, но во помал обем. Покрај тоа, вооружените сили на Украина, очигледно, преместија единици и формации на новоформираниот резервен корпус (вкупно беа префрлени 40-45 илјади луѓе) во источниот дел на регионот Днепропетровск, во правец на Донбас, за да се спречи опкружувањето на вооружените сили на Украина во Донбас.

Русија заедно со Доњецката Народна Република и Луганската Народна Република ќе може да распореди околу 250-270 илјади војници (околу половина – припадници на доњецката и луганската армија и доброволни формации). Руската армија како и доњецката и луганската армија во регионот на Донбас имаат распоредено околу 2 000 тенкови и артилериски системи (реактивна и топовска артилерија – без минофрлачи) , 300 различни видови на борбени авиони, и околу 250 борбени хеликоптери. Од Украина: 130-150 илјади војници (вклучувајќи го и резервниот корпус и 20-30 илјади набрзина префрлени војници од Киев, Суми, Чернигов),  околу 350 до 400 тенкови, 200 различни артилериски системи, 15 до 20 авиони, и околу 20 хеликоптери. Предноста во војница е двојна, во тенкови и артилерија повеќе од тројна, во авијација и хеликоптери е до десет пати. Разликата во војници и воена техника е огромна, но останува прашањето дали Русија ќе успее да го искористи сето тоа на полето на битката.

Битката за Донбас несомнено ќе биде генералната битка на целата воена кампања и за Русија и за Украина. Најверојатно, ударните клинови на руската, доњецката, луганската армија поддржани од авијацијата и артилеријата ќе ја започнат офанзивата и продорот по оската Барвенково-Покровск и меѓу урбаните агломерации Лисичанско-Северодонецк и Славјанск-Краматорск. Со ставањето под контрола на градот Изум во областа Харков, пред руската армија се отвара можност да ја стави во котел главнината на украинската армија на Донбас, и да ја отсече од остатокот на Украина. По што би се пристапило кон разделување на огромниот котел на помали котли, и нивно систематско уништување со помош на руската авијација и артилерија. Налик на стратешката операција „Багратион“ на Црвената Армија во 1944 година против силите на Вермахтот на територијата на Белорусија во Втората Светска Војна.

Интересно е дека стратешката иницијатива од самиот почеток на војната постојано е во рацете на Русија. И двете завојувани страни се соочуваат со исти проблеми со можниот развој на битката за Донбас. Според воените правила, не е запазена густината на војници на км од фронтот, ниту од страната на Украина за одбрана (наместо 20-25 војници на 1 км, Украина има околу 13-15 војници), ни од страната на Русија и доњецката и луганската армија за престојната офанзива,  не е постигната потребната густина на војници на км, земајќи го предвид потенцијалот и бројноста на вклучените сили од страната на Русија. И Украина и Русија можат да го надминат овој проблем под услов на спроведување на масовна мобилизација и масовно регрутирање на волонтери, но тоа е исклучено, и не се гледа во моментов, а битката за Донбас е на прагот. Поради тоа, и двете страни најверојанто ќе импровизираат.

 Задачата на Украина е да и нанесе непоправлива и голема штета на руската армија, да ја искрвари што е можно повеќе, да добие нови информативни причини за спротивставување на Русија, плус помошта и решеноста на Западот да и помогне на Украина во војната против Русија. Сето тоа на крајот треба да предизвика разочарување кај населението во Русија, како и масовни протести против војната.

Задачата на Русија е да ја опколи и уништи украинската армија на Донбас со најмали загуби за руската армија, плус за доњецката и луганската армија, плус да се зачува и инфраструктурата на Донбас. Силни страни на Украина: мотивирана армија, познавање на теренот, добра линија на одбрана на источниот бедем од Северодонецк до Авдиивка, плус разузнавачки информации кои што во реално време САД и НАТО и ги предаваат на Украина. Но позадината на украинската армија не е заштитена, и доколку Русија го затвори котелот на Донбас, украинската армија ја чекаат тешки денови, и истата ќе биде отсечена од Днепропетровск и Павловск, како и од Днепар.

Силни страни на Русија: воздушна супериорност, разузнавачки информации во реално време, способност за континуирано лансирање масивни ракетни напади, мотивирани единици на доњецката и луганската армија, стратешката иницијатива е во рацете на Русија, постојаното маневрирање на воените единици на терен, што и овозможува на руската армија да ги бира правците на напад, односно местата каде што украинската одбрана е најслаба.

Но како што напредуваат преговорите, можно е дипломатите од двете страни на преговарачка маса да и стават крај на војната пред да започне битката за Донбас, да си подадат рака и да склучат мировен договор, кој што нема да ги задоволи двете страни, но ќе и стави крај на трагедијата која што 8 години трае во Украина. Дипломатската активност на Европа, плус новите санкции од САД и Европа против Русија, се со цел да се спречи битката за Донбас, и да се постигне мировен договор. Повеќе од јасно е дека Украина ги изгуби Донбас и Крим, а Русија ја изгуби Украина, и дека и двете страни не ги постигнаа своите стратешки цели во оваа војна.