Kому му пречи македонската видео-историја

  • Пишува: Снежана Стојчевска, член на Левица – Сектор култура.

Архивирањето е една од клучните компоненти за зачувување на културно и историското наследство. Во нашиот случај недостасува воспоставен систем, протокол преку кој ќе се грижиме за нашите културни добра. Многу доцна се сетивме да почнеме со процесот на дигитализација во Универзитетската и другите библиотеки, но и сега на тие проекти работат мал број луѓе и сето тоа се одвива премногу бавно, со што ризикуваме некои документи и книги неповратно да бидат изгубени, како што се вели под забот на времето, но всушност тоа е последица на нашата континуирана негрижа и запоставување.

Во овој процес посебно место зазема Македонската Радио Телевизија, која со работа започнала 1963 година, а со емитување на програма 1964. Телевизијата денес поседува архива која ја кријат како змија нозе и никој не може да дознае што сѐ има внатре. Многу луѓе кои се обиделе да дојдат до препис од некои снимки се одбивани или заглавувани во долг процес на администрација со намера да се откажат, под изговор дека сега се реновира, се дигитализира, се каталогизира, за на крајот да бидат оставени со празни раце.

Се поставува прашањето кој и зошто ја крие архивата во МТВ и што навистина се случува таму. Можеме само да претпоставиме какви сѐ стари снимки има од вести, документарни и играни филмови, емисии, серии, фестивали и тн. Со други зборови имаме, ама не знаеме што имаме. Некои луѓе веќе го покренаа прашањето за негрижата и пропаѓањето на архивите. Во ТВ емисијата „Патот до успехот“ Славе Димитров говореше токму на оваа тема и самиот загрижен за состојбите, откри дека дел од старите ленти биле видени фрлени на буниште, а дел можеле да се најдат на автопазарот во Скопје.

Неодамна на сајтот призма.мк беше објавена статија „На архивата од МТВ и истекува рокот“ со поднаслов „Две третини од „видео-историјата“ на јавниот сервис е во опасност да ја снема“. Самиот наслов го вклучува алармот. Во него се вели дека една третина од видео материјалот е дигитализиран, а на две третини односно на 33.000 часа снимен материјал му се заканува опасност да биде уништен, пред да биде дигитализиран. Извршниот директорот Захарије Вулгаракис вели дека се свесни за потребата за дигитализација, но истакнува дека немаат средства за тоа да се изведе.

Парите секогаш се добар изговор, а добриот изговор пари вреди. Прашање е кому му пречат архивите и културното историско наследство што таму го има, токму во одлучувачките моменти кога Македонија е под константни континуирани удари и закани, во однос на јазикот и идентитетот, за кој колку поупорно не убедуваат дека не се преговара, толку е поочигледно дека истото се прави.

Дел од видео материјалите кои се дигитализирани се поставени на ју туб каналот ТВ архива МКД, но и таму не се подредени хронолошки и сепак се работи за понови продукции. Она што радува е што на детскиот канал МТВ 5, кој неодамна го отворија, може да се видат постари детски серии и емисии како „Големи и мали“, „До Ре Ми“ и други, и каде може да се види колкаво внимание е обрнувано на правоговорот, но повторно се добива чувство дека се обновуваат само детски и музички програми кои немаат директен удел во моменталните политики.

Стануваме нација со кратка меморија, нација која не се грижи за своите вредности. Колку помалку записи имаме, толку е полесно вистината да се модифицира по потреба на политиките и тоа на дневно ниво, како да живееме во романот „1984“ на Џорџ Орвел. Промените се тешки, бавни и недоволни за да се направи вистински исчекор. Останува да се освестиме од фактот дека нација без свое минато, нема своја иднина.