Фирмата на поранешниот пратеник Етеми го откупила земјиштето за 7 евра квадрат во Центар
Државното земјиште во Центар кое вреди најмалку 2000 евра квадрат, Министерството за финансии го продало на компанија „ЗСФ-КОМ“ во сопственост на поранешниот пратеник Фатмир Етеми за неверојатни 7 евра квадрат.
Документите од Агенцијата за катастар на недвижности кои ги објавија од порталот Само прашај потврдуваат дека Министерството за финансии на крајот на минатата година (29.12.2021), кога сите се подготвуваа за прославата на Нова година, донело решение со коешто се прифаќа барањето на компанијата на Етеми за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост. Станува збор за четири парцели со вкупна површина од 663 квадратни метри, според документите, наменети за изградба на хотелски комплекс.
Министерството за финансии четирите парцели ги запишало во еден имотен лист (број 58982) и пресметало дека компанијата „ЗСФ-КОМ“ треба да плати надомест од 290.394 денари. Ова значи дека еден квадрат чини 438 денари или само 7 евра.
Најголемата парцела (КП 280/13) во 30-те години на минатиот век била во сопственост на Југословенската државна железница, за потоа низ годините да премине во државна сопственост на Република Македонија и на крајот, да заврши во рацете на бизнисменот преку решение за приватизација издадено од Министерството за финансии, предводено од Фатмир Бесими, кадар на ДУИ.
Доколку се проследи начинот на кој фирмата на Фатмир Етеми како се стекнала со оваа и останатите парцели, очигледно е дека бизнисменот го искористил измените во законот за легализација кој беа правени и од Владата на ВМРО-ДПМНЕ и од Владата на СДСМ. Со ова само се потврдува фактот дека наместо овој закон да биде поволност за луѓето од социјални категории и ниски примања, истиот се користи од бизнисмените за „грабање“ на државно земјиште на атрактивни локации за минимални пари.