(Видео) Левица поднесе предлог-законски измени за апанажа на работниците и поголема субвенција за студентски оброк

Откако пратениците на Левица веќе претходно најавија дека ќе предложат воведување на измени во законот за апанажа и за работниците, на денешната прес-конференција на пратеникот на Левица, Борислав Крмов, ова беше потврдено.

Нашиот прв обид за укинување на апанажата на функционерите не успеа, затоа што очигледно политичката класа во Македонија мисли дека е избрана за народот да ја издржува, наместо да му служи на народот. Затоа ова е обид да ги изедначиме условите за добивање апанажа на функционер со условите за добивање апанажа на обичниот работник. Во постоечкиот закон има околу десеттина таксативно наброени услови за обичниот работник да добие апанажа после добивање на отказ, додека за функционерите тоа практично не постои!Ние со овој закон тоа го корегираме и тие услови се отстрануваат и остануваат само три услови, кои важат и за функционерите.

Дополнително, Крмов истакна дека како пратеници на Левица, тие поднесуваат нов предлог-закон за измена на Законот за субвенциониран студентски оброк.

Постоечкиот закон, кој е донесен 2020 година, треба да се коригира затоа што кризата се продлабочи. Студентите моментално добиваат 120 денари дневно, што е околу 2.400 денари месечно. Со нашата измена, тоа се покачува за 30 денари, што значи 150 денари дневно и отприлика 3.000 денари месечно. Ние знаеме дека е мало покачувањето, но поголемо покачување сметаме дека ќе биде одбиено од власта.