Руското министерство за одбрана: Во Украина се развивало биолошко оружје
Руското министерство за одбрана, како што пренесува Руската државна новинска агенција РИА новости, објави документ, односно упатство кое било издадено од страна на Министерството за здравство на Украина а кое се однесува за итно уништување на патогени како и други акти на уништување во биолошките лаборатории на Полтава и Харков.
Вработените во украинските биолошки лаборатории, на 24 февруари доставиле документи за уништување на посебно опасни причинители на чума и антракс. Овие документи, кои руската страна ги добила од вработените во украинските биолошки лаборатории, потврдуваат дека компонентите на биолошкото оружје се развиени во Украина во непосредна близина на Русија, изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана, генерал-мајор Игор Конашенков.
Наводно, со цел да се спречи откривање на докази за прекршување на членот 1 од Конвенцијата на ОН за забрана на бактериолошко (биолошко) и токсично оружје, Министерство за здравство на Украина испратило инструкции до сите биолошки лаборатории итно да ги елиминираат складирани залихи на опасни патогени.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека во блиска иднина ќе бидат презентирани и обелоденети повеќе докази во однос на траги од постоењето на воено-биолошка програма, која преку властите во Киев, се спроведувала во Украина, како и подетални резултатите од анализата на примените документи.