(Видео) Левица нема да поддржи ребаланс на буџетот доколку не се реши статусот на сезонските работници
- Реакција во Советот на Град Скопје од советниците на Левица.
За реализација на Програмата за дополнителни активности на ЈП, што беше една од точките на дневен ред на петтата седница на Град Скопје, предвидено е вклучување на 150 работници со надоместок во висина од 15.000 денари нето плата. Тоа значи дека овие работници ќе бидат вработени преку договор на дело, со што немаат здравствено осигурување.
Очигледна е тенденцијата на ЗЛОУПОТРЕБА и искористување на најниска категорија на работници за кои не се предвидува осигурување, туку само вработување со договор на дело, што за нас како работничка партија е неприфатливо.
Бидејќи овие претпријатија имаат потреба да ги вработуваат истите лица како сезонски работници, Левица инсистира тие да бидат вработени во согласност со Законот за работни односи на определено време, за да можат да ги ползуваат правата и да имаат пензиско и здравствено осигурување.
Конечно, целта со овој предлог на Левица е да се обезбеди потрајна материјална и егзистенцијална СИГУРНОСТ за овие работници, кои доаѓаат од најниските социјални слоеви.
По 30-годишна злоупотреба на сезонските работници од страна на буржоаските партии, Левица, како работничка партија, смета дека мора да се прекине со традицијата на експлоатација на сезонските работници и отворено застанува зад решавање на нивниот работен статус.
Aко ова не може да се санира сега, Левица ќе инсистира тоа да се предвиди во ребалансот, кој треба да се случи во следните месеци, со што ќе се обезбедат средства и егзистенцијална сигурност за сезонските работници во ЈП.