Драстичен пад на бројот на ученици и студенти во државата

Пишува: Славко Митевски – Професор по одделенска настава.

Бројот на ученици и студенти во Македонија забрзано опаѓа. Причините се бројни, но сите имаат заеднички именител – катастрофални политики на властите во Македонија изминатите 30 години.

Причината за „белата чума“ не може да се бара само во (не)квалитетот на образованието, иако во голема мера е таму, но уште повеќе во (не)квалитетот на живеење, во случајот преживување, кое го очекува секој граѓанин во државава освен малкумината привилегирани откако ќе го заврши образованието.

Политиките во образованието што ги промовираа сите влади до денес, некои од нив можеби и во добра намера, беа погрешни, несоодветно планирани, неадекватни на состојбите, избрзани.

Така, изникнаа универзитети како печурки по дожд, со што се разводнија и речиси во целост се изгубија критериумите на дотогаш постоечкото високо образование. „Кадрите“ продуцирани таму безмалку се кадарни единствено да се протнат на мала (преку партиско или вработување по етнички клуч) врата во државните институции кои се веќе до врв преполнети, што дополнително го отежнува животот и функционирањето во државата и уште повеќе придонесува за иселување на младите луѓе.

Во основните и средните училишта небаре не останаа оцени пониски од петка! Причина: законодавците, во намера да кренат бариера оценките ги поставија како единствен критериум за натамошно движење низ образовниот систем, а граѓаните во притисокот врз наставниците побараа начин да ја прескокнат таа бариера.

Така оцените од алатка за процена на знаењата се претворија во бижутерија со која се украсува егото. Цената што општеството ја плаќа е квалитетот на знаењата што се стекнуваат откако е исклучен мотивот да се стекнат знаења и образованието е сведено единствено на трка по оцени.

Соодветно на тоа, средните училишта место да произведат квалитетна работна сила се сведоа на попатни станици кон девалвираните факултети или кон полнолетство и бегање што подалеку оттука.

Индустријата која олигарсите немилосрдно ја зграпчија единствено со цел да ги исцедат работниците до последна капка, денес бараат кадри, иако во создавањето кадри речиси ништо немаат инвестирано, особено ако се земе предвид дека во најголема мера тие ја имаат запоседнато и законодавната и извршната власт.

И колку што повеќе портфолиото на властите се полни со „квалитетни“ политики, толку повеќе се празни државата од квалитетни млади луѓе. Тие се пакуваат и си одат. Далеку оттука ги свиваат своите гнезда и создаваат семејства.

Децата на младите луѓе што лошите политики ги избркаа и сè уште ги бркаат од државата се оние кои недостасуваат во училишните клупи и во факултетските амфитеатри.