150 години Делчев: Минато, сегашност и иднина

  • Пишува: проф. д-р Димитар Љоровски Вамваковски – македонски историчар и професор во Институтот за национална историја – Скопје.

Најпрвин, сакам да напишам нешто што мене како историчар многу ми смета, не толку лично на мене, туку третманот кој го добива Гоце Делчев во последните неколку години. Имено, во последно време, откако стана актуелно наметнатото прашање што произлезе од историската меѓудржавна македонско-бугарска комисија, а поврзано со идентитетот на Делчев, често пати во дискусија со одредена личност, откако истиот ќе разбере дека сум историчар, прво што ќе ме запраша, е следното: „Добро, сега според тебе, како историчар, што е Делчев, Македонец или Бугарин“? Навистина многу понижувачко! Зарем навистина сметате дека Делчев заслужува ваков третман?! После сè што е кажано и напишано за неговото дело во македонската историографија, вреди ли да се поставува вакво прашање? Според мене, не! Но тоа најмалку го заслужува самиот Делчев! Најпрвин би констатирал дека вака поставеното прашање е методолошки погрешно, т.е. во старт не насочува да бираме или да заземеме страна. Секако, дека ова прашање ни е наметнано и е од друга природа, најчесто политичка и национална од страна на Бугарија. Целта е очигледна, треба да нè наведе кон дефетизам, односно кон создавање на чувство на прифаќање на одредени „факти“ и помирување кон тоа без „борба“! Уште повеќе, нè насочуваат да броиме и пребојуваме колку пати Делчев напишал или кажал „Македонец“ или „Бугарин“, без да се замат во предвит историските околности, времето во кое што тој живеел и несомнено процесите кои тогаш се одвивале. Во една пригода, кон ова последното, македонскиот академик Манол Пандевски има кажано дека со пребројувањето кој и што напишал од овој период, а во контекст на „Македонци“ и „Бугари“, газиме по тенок слој на мраз, нешто што само по себе единствено може да им биде во корист на неговите и наши негатори. Оттука, најчесто ваквите прашања ги прифаќам со насмевка и често пати давам иронични одговори. Но, за оваа пригода, а како што напишав, бидејќи ни е наметано вака поставеното прашање, ќе се обидам накратко, да дадам еден историски прелед и научно толкување на тоа зошто Гоце Делчев не можел да има бугарски национален идентитет.

Најчесто, приврзаниците на теоријата за бугарскиот идентитет на Делчев се повикуваат на една или две негови пишани изјави каде го употребува терминот „Бугарин“ или „бугарско“, а тоа не ретко го користат и за останатите македонски револуционери од овој период. Во едно анационално општество, какво што тогаш постоело во Османлиска Империја, главната идентитетска категоризација се добивала врз основа на т.н. милет-систем, кој не се базирал на етнички, јазични и културолошки белези, туку пред сè на религиозната определба на поедниците. Каде што термините „Рум“, т.е. „Грк“, „Бугарин“ или/и „Србин“ се провлекувале од минатото, од Антиката и најповеќе од Средниот век, каде што владеачката османлиска класа кога именувала не се водела од гореспоменантите етнички карактеристики, туку ги именувала според тоа како биле нарекувани тогашните нивни поданици во средновековните балкански држави. Исто така, многу важно прашање од научен аспект е и кој ја имал моќта да именува, и за какви цели, и дали тоа име за едните, т.е. за припадниците на веќе создадените балкански нации-држави има едно значење и пред сè се користело за националистички и иредентисчки цели, додека за поданиците на Османлиската Империја кои го самоупотребувале имале сосема друго значење. Оттука, денешните современици секогаш треба да прават динстикција при толкувањето на овие термини, т.е. дали истите имале расно, етничко, религиозно, национално, т.е. државно, територијално или, пак, значење според милет-системот. На крај, идентитетот, оној националниот, во доцноосманлиското општество не дека не бил можен во некоја форма на протонационализам, но дека единствено самоидентификувањето бил доволен фактор за да на една личност му се определи некаков си национален идентиет, е во најмала рака апсурдно. Имено, националниот идентитет е составен од многу маркери и е мултидимензионален, додека во османлиска Македонија било многу тешко или невозможно да се спојат два или три маркери на идентификација истовремено.

Гоце Делчев бил носител на други идеи, ослободителни, револуционерни, социјални, правни, морални, итн, но најмалку на национални или националистички. Тој во неговите агитации низ македонските села не проповедал или агитирал во корист на било каков национален идентитет, тој тоа го остави за откако Македонија ќе се ослободела и формирала сопствена држава, бидејќи бил свесен дека во околностите кои што постоеле во доцноосманлиското општество тоа ќе создадело единствено раздор меѓу македонското население, но и дека вистинските нации на Балканот во тој период се формирале откако ќе се создадела државата. Неговиот македонски протонационализам се темелел на неговата ослободителна дејност за народот и територијата за која што се борел и жртвувал, а тоа се гледа и во неговото повикување кон татковината која секогаш ја идентификувал како Македонија и во која тој верувал дека со сопствени сили без никаква помош однадвор ќе се ослободи од османлиската доминација. Во таа насока, во писмо до Ефтим Каранов од 1895 година, тој запишал: „Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли поинаку да се ослободи Македонија, тој се лажи себе си и другите“. Уште поконцизен во неговите ставови бил во едно писмо од 1900 година, каде навел: „Не може да се надеваме на туѓа помош, да не чекаме помош од Бугарија, или од која и да било друга сила, туку треба да се подготвиме одвнатре, во душата секој селанец да се проникне со таа идеја, се да се подготви и тогаш да се крене масовно востание. Дотогаш никој однадвор да се меша во нашата работа“.    

Често пати оние од другата страна како доказ за бугарскиот идентитет на Гоце го користат неговото физичко присуство во тогашното бугарско кнежество, без разлика дали тоа било во однос на неговото школување или на неговиот престој во Софија во периодот кога бил задграничен претставник на Организацијата. Како антипод на ваквите тврдења, историчарот Џулијан Брукс напишал дека „за Делчев и неговите колеги студенти родени во Македонија, животот во Бугарија бил отуѓувачки. Релативната слобода и буржоаското богатство во Софија биле во контраст со стравот и штедењето на животот во Македонија. Младите студенти биле соочени со место кое не ги исполнило нивните очекувања. Покрај тоа што тие ги гледале македонските друштва и нивните затворени дејци, Македонците била третирани како сиромашни братучеди од многу местни Бугари“. На ова се надополнува и историчарот Ед Нортон, кој додава дека суштината е направена во различноста, а дефиницијата започнува со негација во одредувањето на на она што нешто не е. Конфронтацијата со различноста претставува предизвик за постојан напредок, обврзувајќи го некој повторно да размисли. И така овие студенти повторно размислиле. Разочарани и изневерени од Бугарија, Делчев и неговите колеги се вратиле во родната Македонија за да предаваат и да се обидат да организираат револуционерно движење. На крај тој заклучува дека уникатното македонско искуство произведе уникатен македонски идентитет. Јас само би надополнил дека Делчев најголемата закана за идната македонската државност не ја гледаше од османлиската власт, туку од соседите на Македонија, меѓу кои најповеќе од Кнежеството Бугарија. Па така, во март 1901 година, во обраќањето пред  собранието на македонските друштва во Софија, тој изјавил: „Бугарската влада, која има чисти завојувачки намери кон Македонија, штом ќе почне да дава пари, ќе знае како да ја исползува со таа помош создадената состојба на работите внатре, таа нема да се задоволи со никакви платонски чувства, туку ќе сака реални привилегии. Повторувам, ударот ќе биде страшен“. Тоа што тогаш го кажал Делечв некако денес изгледа толку визионерски за ситуација во која се наоѓа Република Македонија!

Сосема на крај ќе се освранам на еден сегмент од дејноста на Делчев во османлиска Македонија, т.е. во костурско-леринскиот регион во периодот на неговиот т.н. Голем поход кој го реализирал во втората половина на 1901 и почетокот на 1902 година. Целта ми е да го прикажам значењето и влијанието кое Делчев го имал врз самото револуционерно движење, но и низ широките народни маси, при што ќе искористам неколку сведоштва на негови современици кои најдобро ги опишуваат неговата личност и дело. Тој во Костурско пристигнал во ноември 1901 година со цел да направи ревизија и реорганизација на организационите активности во околијата. Во присуство на костурските револуционерни дејци тој присуствувал на голем број состаноци и народни собранија. На средбите со селаните тој слушал за секојдневните нивни проблеми и тешкотии, а за прв пат во околијата започанале да се решваат судските проблеми според организационите начела. Делчев на населението им ја објаснувал состојбата во Македонија и ситуацијата со револуционерното движење.

Пандо Кљашев во своите спомени забележал дека целото население разбра дека дошол најголемиот човек, началникот на Организацијата, дека поголем од него нема. За дејноста на Делечев и колку големо било неговото значење за населението во Костурско, еден од костурските четници, Стојан Кузманов, за време на сенародното собрание во селото Загоричани, запишал: „Кога апостолот се појави, придружен од војводата Стефов, сите останаа вкаменети. И го започна Гоце својот бунтовнички говор, на почетокот тивко, а потоа громогласно и многу воодушевено. Говорот му траеше цели два часа. Најнапред Гоце зборуваше дека најскапо за еден народ е тој да биде слободен. Како за тоа треба да се раскинат ропските пранги и да се отфрли турската тиранија. Дека поради тоа тој и други како него тргнале по села и градови, по гори и планини за да го убедат народот за да се подготви за борба со вековните непријатели“. Сепак, најдобр приказ за личноста на Делчев, за неговите карактерни особини, неговата дејност во овие македонски предели, ни оставил војводата Христо Силјанов, кој го придружувал Делчев во последните денови од неговата обиколка во Леринско. Тој во своите писма од овој период забележал: „Гоце го запознав во Софија, скромно и лежерно облечен, секогаш фокусиран и замислен. Од прв поглед тешко можеше да се познае во него пламенитиот апостол чие име се изговараше од уста на уста во Македонија. Но сега, неговите очи покажуваат само интелегентност и морална чистота: во нив грее некаква безгранична ведрина, неизкажлива самодоверба и таинствен оган. Преку нив проѕира јасна мисла како во кристален поток“. Потоа Силјанов продолжува: „Гоце тука работи деноноќно и неуморно, секогаш со истата страст, внесувајќи се душевно во се и запазувајќи ја својата ведрина“. За време на разделбата со леринските војводи, кога Делчев го продолжил свој пат кон Воденско, пред насобраните револуционери одржал говор, кој Силјанов ни го пренесува во целост: „Време е да се разделиме другари! Нашите патишта се различни. Вие одите на Запад, а јас кон Исток. Но каде и да се наоѓаме, ние живееме духовно поврзани еден со друг, не поврзува општиот долг кон нашиот поробен народ, на кого доброволно се заколнавме дека ќе му служиме. Јас оттука понесувам најдобри впечатоци од вашиот реон. Семето кое вие го посеавте даде многу ветувачки резултати. Но нашата работа нема граници. Ние ќе ја следиме нашата цел со целата наша енергија се до оној момент докога не го подготвиме народот за онаа голема акција, која ќе го растресе од основата крвавото царство и ќе ја донсе слободата. Вие може да бидете горди дека ги имате најдобрите војводи во Македонија. Нека тоа ви служи за пример во секој поглед. Учете се од него, следете го во се и ќе бидете вистински револуционери. Но никогаш не заборавајте, дека ние не припаѓаме на себе си. Нашиот живот е веќе пожртвуван пред олтарот на делото и кој од вас ќе го изгуби тоа сознание, тој престанува да биде револуционер. Да не се плашиме од смртта. Каде и да не најде, да ја пресретнеме со презир – и да ја победиме!“

Причината поради која Делчев сметал дека костурскиот револуционерен комитет бил еден од најдобро подготвените во османлиска Македонија, покрај останатото, се гледа и во нивното писмо до костурскиот митрополит Германос Каравангелис од јануари 1901 година. Меѓудругото, тие му напишале на митрополитот, а со цел да го предомислат во неговата антимакедонска дејност: „Гледате дека цела Европа е со нас!… Дека секој трча да помогне и секој помага со сè што може на испатениот наш Македонски народ, како и од одалечниот Сибир и од туѓите националности му се нуди помош на поробениот Македонец и од сите страни на светот се слушаа: Да се дадат правата на Македонија!!!…“. На крај од писмото тие уште еднаш го повикуваат митрополитот да се вклучи во заедничката борба, се разбира откако тој ќе ги исполнел условите поставени од костурскиот комитет, само „тогаш и ние ќе побараме да ја бакнеме Вашата света десна рака, ќе заборавиме се од минатото и ќе се надеваме дека ќе има ред во борбата за да ја видиме светлината од Вас, благослови нè и развиорете го нашето знаме под кое треба сите да се собереме за војната на живот или смрт и да извикаме: Доле Турција, да живее Македонија“.

Ете, тоа го агитирал и за тоа се борел и жртвувал Делчев. Заради тоа стана мит и се вткаи во колективната меморија на македонскиот народ. И повторно ќе се вратам на почетокот и ќе прашам, зарем навистина мислите дека Делчев го заслужува тоа што денес некои му го прават и се обидуваат да го внесат неговиот лик и дело во разно разни политички и националистички интриги? Секако дека НЕ!


Овој текст е дел од настанот „Македонската кауза – 150 години од раѓањето на македонскиот револуциoнер Гоце Делчев” организиран од левичарскиот институт „Рацин”.