Израелскиот систем на угнетување и доминација над Палестинците e еднаков на апартхејд

„Амнести интернешенел“ им се придружи на другите водечки групи за човекови права во изјавата дека израелскиот „систем на угнетување и доминација“ над Палестинците е еднакoв со меѓународната дефиниција за апартхејд.

Извештајот предизвика бес кај израелските политичари кои повикаа овој извештај да биде повлечен.

Министерот за надворешни работи на Израел, Јаир Лапид, го отфрли извештајот и го нарече „исклучен од реалноста“, велејќи: „Амнести цитира лаги што ги шират терористичките организации“.

Лапид, исто така, ја обвини „Амнести интернешенел“ за антисемитизам. „Мразам да го користам аргументот дека доколку Израел не беше еврејска држава, никој во Амнести не би се осмелил да се расправа против тоа, но во овој случај, нема друга можност“, рече Лапид.

Сепак, извештајот беше поздравен од палестинската управа, која рече дека се надева дека ќе го отвори патот за гонење на Израел пред меѓународниот кривичен суд.

„Државата Палестина го поздравува извештајот на Амнести интернешенел за режимот на апартхејдот на Израел и расистичките политики и практики против палестинскиот народ“, соопшти Министерството за надворешни работи на властите од Палестина.

Амнести ги повика „САД, Европската Унија и Обединетото Кралство, но и оние држави кои се во процес на зајакнување на нивните врски – како што се некои арапски и африкански држави да признаат дека Израел го врши злосторството апартхејд и други меѓународни злосторства“.

Тие побараа од државите „да ги искористат сите политички и дипломатски алатки за да обезбедат израелските власти да ги спроведат препораките наведени во овој извештај и да ја разгледаат секоја соработка и активности со Израел за да се осигураат дека тие не придонесуваат за одржување на системот на апартхејдот“.

Со извештајот од 278 страници, составен во период од четири години од групата за права со седиште во Лондон, Амнести им се придружи на редовите на „Хјуман рајтс воч“ и израелската група за права „B’Tselem“, кои исто така го обвинија Израел за апартхејд минатата година.

„Без разлика дали живеат во Газа, Источен Ерусалим и остатокот од Западниот Брег, или во самиот Израел, Палестинците се третираат како инфериорна расна група и систематски се лишени од нивните права“, рече генералниот секретар на Амнести интернешенел, Ањес Каламар, при претставувањето на извештајот.