Почина партизанката Бакалиноска која како млада била измачувана од Бугарскиот фашистички окупатор

По кусо боледување, вчера на 95-годишна возраст почина Ратка Бакалиноска, првоборец и носител на Партизанска споменица 1941 година за учество во Народноослободителната борба (НОБ), и одликувана со повеќе ордени и признанија на републичко и сојузно ниво.

Родена е во Битола, каде завршила основно образование, а пред завршување на гимназија се пријавува во партизанските редови за борба со фашистичкиот окупатор.

По ослободувањето, завршува гимназија и дипломира на Филолошкиот факултет во класата на проф. д-р Блаже Конески.

Во текот на работниот век извршувала голем број општествени функции на републичко и сојузно ниво, меѓу кои помошник-министер за информации, советник на министерот за информации на СРМ, член на Републички комитет за меѓународни односи, на Советот на Радио Скопје и на други комитети на републичко и сојузно ниво.

Во декември 2020, откако Бугарија го оспорува ословувањето на нејзината власт во Македонија од 1941-44 како окупаторска и фашистичка, за САКАМДАКАЖАМ.МК Бакалиноска ја раскажа својата лична приказна за животот под бугарска окупација.

„Ме донесоа во собата за испрашување каде ме дочека главниот агент задолжен да ме испрашува… Пред да почнат со испрашувањето, ме држеа повеќе од едно деноноќие во соба на столче без седиште завртена кон ѕидот… Ме притискаа да ги предадам моите другари, и да се пријавам за Еврејка, Влаинка, а на мојот отпор и декларирање за Македонка, одговараа со дополнителни часови во затвор и изолација во соба полна со глувци. Имав само 16 години, поради што не можеа да ме осудат, како што сторија со моите другари кои добија по 15 години затворска казна…

Бидејќи сето ова се случуваше во време на учебна година, откако ме пуштија во мај 1943 година, се вратив да ги завршам сите предмети на втора година гимназија. Но, три дена потоа, дома дојде писмо од управата за мое исклучување од сите училишни активности и забрана за посетување било каква настава во било кое училиште на територијата под бугарска управа. Писмото велеше: ‘Се исклучувате од сите школи на Царството Б’лгарија, како антидржавен елемент, винаги’. Засекогаш. Така, заминав во партизани, со мислата дека кога ќе ја ослободиме нашата територија, ќе можам повторно да се вратам во училишните клупи“.