Доколку договорот со Бугарија е прифатлив за Македонија, тогаш зошто Пендаровски бара да не се гласа со двотретинско мнозинство

По посетата на Бугарскиот премиер Кирил Петков во Македонија, каде што се сретна со речиси целиот државен врв, следеше интервју со Претседателот Пендаровски, кој зборуваше за преговорите и позициите на државата по однос на отворените прашања со источниот сосед.

Изјавата на претседателот дека „финалното решение со Бугарија треба да биде претставено пред пратениците. Мора да влезе во Законодавниот дом, за него да се дебатира и да се гласа со мнозинство, но не двотретинско зашто тоа е многу тешко да се добие“, привлече огромно внимание во јавноста.

Фактот дека Претседателот на државата инсистира договорот со Бугарија да биде прифатен со 61 глас во Собранието, буди сомневања кај јавноста, дека Владата на СДСМ и ДУИ спрема уште еден договор во штета на македонскиот народ и држава. Се поставува прашањето: – Зошто Пендаровски бара договорот да не се гласа со двотретинско мнозинство во Собранието, доколку договорот е во рамки на црвените линии и е прифатлив за македонскиот народ?

Интересно е и тврдењето на Шефот на државата, дека „никако не може да се „протне“ решение кое би било недостоинствено и дека граѓаните од двете страни, и од македонска и од бугарска, мора да знаат за што се преговара“. – Додека Пендаровски зборуваше за отворен пристап и транспарентност, потсетуваме дека изминатите месеци наназад се што се случуваше помеѓу двете држави беше зад затворени врати.

Пендаровски заклучи дека „Ако сакаме да потпишеме договор што ќе трае, што ќе биде прифатен од мнозинството граѓани, мораме пред да го потпишеме да им го кажеме и да добиеме од нив позитивен фидбек“. – Важно е да се забележи дека претходно Пендаровски потпиша Указ за договорот од „Преспа“ со кој насилнички се промени името на државата, по добиен негативен фидбек од граѓаните преку неуспешниот референдум.