„Бунтовничка Франција“, се залага за повлекување на државата од НАТО

Лидерот на левичарската партија „Бунтовничка Франција“, Жан-Лук Меланшон се залага за повлекување на државата од НАТО и нормализација на односите и соработка со Русија.

„Јас сум за напуштање на НАТО. Потребна е деескалација“, напиша Меланшон на својот Твитер профил. Левичарот смета дека главниот политички курс треба да биде насочен кон намалување на интензитетот на конфликтот помеѓу НАТО и Руската Федерација и експлицитно се залага против започнување на „нова студена војна“.

Неодамна во интервју за француското радио „Франс Интер“, Меланшон изјави дека напуштањето на НАТО ќе му овозможи на Париз да не учествува во „воените авантури на северноамериканците“.

„Русија е партнер. Не се согласувам дека од неа треба да се прави непријател. Јас сум против прекршувањето на зборот даден на рускиот лидер, кога им беше кажано дека крајот на Варшавскиот пакт и советскиот блок нема да го доведат НАТО до границите на Русија… За прв пат во модерната историја, империјата падна без да се зборува за тоа како ќе бидат распределени резултатите“, нагласи тој во интервјуто.

Меланшон потсети дека Русија ја почувствувала заканата по влезот на земјите од поранешниот СССР во НАТО и дека доближувањето на воениот пакт до нејзините граници ја нарушува безбедноста на земјата. Од таа причина левичарот смета дека Украина не треба да се приклучи на Алијансата.

На последните претседателски избори во Франција, Меланшон освои над 19% од гласовите во првиот круг. Ова ќе биде негов трет пат да се кандидира на претседателските избори.