(Видео) Говорот на Саше Јанчев по повод 7-ми Ноември, ослободувањето на Гевгелија
Се собравме да го одбележиме 7-ми Ноември, денот на ослободувањето на Гевгелија. Одбележувањето на вакви настани, особено на побитните настани од историјата на македонскиот народ, во овој момент е многу битна работа. Сега тоа е побитно од кога било до сега. Тоа е така затоа што постојат организации чии што припадници се нарекуваат прогресивци, а тоа со цел сите луѓе што не мислат како нив да ги етикетираат како назадни или како што они милуваат да кажат затуцани и небањати. Тие прогресивци секој ден небомбардираат со приказни, преку нивни медиуми, незавизни аналитичари, за жал и државнни функционери, дека ние треба да си го заборавиме минатото за да тргнеме напред.
Арно ама, заборавањето на индивидуално ниво на минатото, односно губитокот на меморија, се вика амнезија. Лицата кои имаат амнезија се дезориентирани и во времето и во просторот. Не можат да ја сфатат сегашноста, а уште помалку да ја замислат или да ја проектираат иднината. Тоа е така затоа што проекција на идни настани се прави врз основа на минато искуство од слични такви настани. Можете да си замислите кога на една индивидуа која има амнезија ако и се случува ваква дезориентација што може да му се случи на еден народ со колективна амнезија.
За жал времето за замислување помина. Ние веќе гледаме што може да се случи. Прогресивците со игнорирање на минатото, сакајќи да решат еден спор, ги разбудија сите сеништа од балканските војни. И тоа само затоа што тргнаа од претпоставката која најмногу им одговараше, а тоа е дека проблемите на Балканот со Македонија потекнуваат од времето на претходната власт, а не дека се стари сто и педесет години.
Така, игнорирајќи го минатото, а водени од идејата за брзо политичко профитирање, направија тотално промашени проекции за иднината и сакајќи да решат еден спор ги одмрзнаа сите стари спорови.
Затоа е сега многу битно одбележувањето и навраќањето на битните историски настани од историјата на македонскиот народ.
Инаку вооружената борба за време на НОБ во Гевгелиско не е случајност. Таа својата увертира ја има уште во 1919 година, за време на Кралство Југославија. Првата партиска организација на КПЈ во Гевгелија е основана во 1919 година. Таа била разбивана, гаснела и била повторно обновувана, но во 1938 го зема својот залет. Организацијата се проширила во Валандовско и Струмичко, се организирале куќни мали состаноци, се организирале масовни состаноци налик на излети на кои имало пригодна политичко-културна програма, се организирале воспитно читачки клубови, се основала првата скоевска организација, се бореле против големобугарската и големосрпската пропаганда итн.
Сите овие активности се одвивале во кругот на гевгелиската младина. Сите тие активности создале плодна почва за формирање на Првиот гевелиски партизански одред “Сава Михајлов” затоа што сите тие млади влегле во негов состав. Одредот е формиран 1943 година, потоа истиот влегува во состав на баталјонот “Страшо Пинџур”, кој пак баталјон влегува во состав на Втората македонска ударна бригада, која подоцна станува дел од Четириесет и првата македонска дивизија. Потоа, во 1944 е формиран и Вториот гевгеиски народоослободителен партизански одред кој на 6 ноември прави параден, војнички, марш низ улиците на Гевгелија, а на 7 Ноември е прогласено ослободување на Гевгелија.
Слава на нашите предци и херои од НОБ од Гевгелиско!
Честит 7 Ноември!
И не заборавајте, индивидуалното заборавање е амнезија, колективното заборавање е катастрова, а прогресивното игнорирање на минатотот е ИДИОТИЗАМ.”