Левица обзнани дека СДСМ и ДУИ одат во опозиција во град Скопје

Од политичката партија Левица денес со соопштение објавија дека е обезбедено мнозинство во град Скопје од страна на Левица, ВМРО-ДПМНЕ и ААА, што значи дека СДСМ и ДУИ ќе бидат опозиција во Советот на Град Скопје. Вчера и лидерот на Левица, Димитар Апасиев, на својот профил порача дека „политичкиот императив на новата генерација македонски политичари е дека заевизмот мора да падне.”


Ја известуваме јавноста дека досегашната парламентарна опозиција во македонското Собрание, преку своите освоени советници во Град Скопје на последните Локални избори 2021, обезбедија апсолутно мнозинство од 24 советници од вкупниот број на 45 советници во Советот на Град Скопје.

Новото градско мнозинство ќе функционира по принципот на конкретна соработка на точно одредени програмски проекти кои се во јавен интерес на народот и исклучиво за доброто на локалните жители и на месното население. Со ова, обзнануваме дека актуелната владина коалиција на СДС и ДУИ ќе биде опозиција во градот Скопје!

Следуваат многу подобри денови во раководењето со градот, во корист на сите жители на Скопје и на неговите општини.