Тони Димитров: Доаѓа новата генерација на политичари

Драги сограѓани, пријатели, роднини, комшии. По неколку дена од првиот круг на локалните избори, не ми останува ништо друго освен да ви се заблагодарам за вашиот глас за Левица. Со тој глас и мојата кандидатура за советник во Град Скопје беше потврдена.

Знам дека не гласавте само затоа што ме познавате, туку и затоа што на Скопје и на политичката сцена во Македонија и е потребна радикална промена со нови некорумпирани, неискомпромитирани, некриминални и свежи личности. Тоа e новата генерација политичари кои по триесет годишното агонично туркање во социјалниот амбис, преку криминалната приватизација, па се до штетните меѓународни договори, искрено сака да се посвети на создавање нова политичка клима во Македонија.

Мора да потсетиме дека на локално ниво советот е тој кој одлучува за процесите во градот и општините. Oд 3 советника вo 11 општини на локалните избори во 2017, денес Левица влезе во 38 општини со 51 советник (со што се потврдува констатацијата за најбрзорастечко левичарско движење во Европа)! Со ваша поддршка, ние сега имаме 4 советника во Скопје, 4 во Карпош, 5 во Аеродром и по еден или двајца во сите други општини каде имавме листи.

Со двајца пратеници Левица успеа да им брцне прст во око на големите партии. Замислете што ќе им се случи со 51 советник во општините. Оттаму страв кај нив и толку напади кон нас. Но и ние нема да молчиме, затоа што овој народ доволно молчеше. Ќе бидеме груби, но не и валкани. Ќе бидеме борбени, но и правични.

Нашите советници ќе бидат она што изминатава година беа пратениците во собранието, совеста на граѓаните.

Почнавме од Парламентот, продолжуваме во градските собранија!