Регионална депонија во Свети Николе не може и не смее да има
Пред околу 5 години во Свети Николе беше започнат проект за изградба на Регионална депонија. Неговата реализација започна за време на мандатот на градоначалникот Зоран Тасев од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, додека нејзината реализација се случува денес кога градоначалник на општината е Сашо Велковски од редовите на СДСМ. Оваа одлука беше донесена без претходна консултација со граѓаните, спротивно на нивната волја и наиде на жестоки реакции и отпор!
Од Левица во Општина Свети Николе изминатиот период поднесоа неколку барање за вонреден инспекциски надзор на целиот овој процес. Денес советниците предложени од Левица излегоа со реакција во која велат дека „депонија во Свети Николе не може и не смее да има“ нагласувајќи дека бараат референдум за оваа одлука, ревизија на процесот, одговорност од инволвирани во ваквата одлука и пренаменување на депонијата од регионална во локална.
„Проектот за изградба на регионална депонија започнат од ВМРО-ДПМНЕ а спроведен и реализиран во пракса од страна на СДСМ мора да биде спречен. Двете политички партии не покажаа слух и без консултација со граѓаните донесоа одлука со која 17 општини својот отпад ќе го „фрлаат“ во Свети Николе, на штета на сегашните и идни генерација во нашиот град.
Сметаме дека целиот овој процес е спроведен зад грбот на јавноста, без почитување на АРХУСКАТА КОНВЕНЦИЈА, која е ратификувана и претставува интегрален дел од домашната регулатива. Согласно оваа конвенција, одлуки кои можат да влијаат на животната средина НЕ СМЕАТ ДА БИДАТ ДОНЕСЕНИ БЕЗ РЕФЕРЕНДУМ. Со оваа постапка се нарушени ОСНОВНИТЕ ЧОВЕКОВИ ПРАВА на светиниколчани, меѓународната регулатива и националната стратегија за управување со отпад.
Ставот на предложените советници од Левица е дека Свети Николе ИМА ПОТРЕБА ОД ОПШТИНСКА ДЕПОНИЈА која овозможува управување со отпадот од градот и селата и овозможува расчистување на сите диви депонии во овчеполието. Во Свети Николе РЕГИОНАЛНА ДЕПОНИЈА НЕ МОЖЕ И НЕ СМЕЕ ДА ИМА.
Советниците предложени од Левица се залагаат за СПРОВЕДУВАЊЕ на одредбите од Архуската Конвенција, РЕФЕРЕНДУМ за пренаменување на регионалната депонија во Општинска, ЦЕЛОСНА РЕВИЗИЈА на проектот, ОДГОВОРНОСТ од инволвирани и донесувачите на ваквата одлука и ЗАШТИТА на ОСНОВНОТО ЧОВЕКОВО ПРАВО за Здрава животна средина.“