Левица – Град Скопје: Од градоначалниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Скопје доби само кич и фушерај

Реакција на Левица – Град Скопје

„Изминативе години во Градскиот парк нема никаква посериозна инвестиција или реконструкција. Патеките, кои предизборно набрзина се реновираат, се изработени неквалитетно и веќе имаат оштетувања.

Од друга страна, во Градскиот парк со години нема засадено нови дрвја, ниту пак истиот е хортикултурно уреден. Клупите се оштетени и нефункционални. Корпи за ѓубре речиси и да нема, а нема ниту една нова чешма за вода. Тоалетот, којшто беше саниран, сега се наоѓа во уште полоша состојба, отколку што беше пред да се пушти во употреба. Луна паркот пак е посебна приказна.

Радоста на скопјани по најавата на градоначалникот (во заминување) Петре Шилегов дека конечно ќе се реновираат и обноват сите мостови во најголемиот парк во градот, заврши со разочарување. Помпезно најавуваното реновирање на мостовите во паркот, за којшто беа потрошени фантастични 1.000.000 денари, заврши со површинско премачкување со боја, без притоа да се направи ниту најмал напор за суштинско и комплетно нивно реновирање. Дрвените мостови кои се стари повеќе од 40 години, не само што се небезбедни за поминување, туку се и одлика за тоталната негрижа на локалната власт.

Политичкиот реваншизам и инаетот кој СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ го водат помеѓу себе, го плаќаме сите ние. Проектите коишто се започнати од претходната власт, власта на СДСМ не само што не ги заврши, туку ги остави на милост и немислост на времето, а кај повеќето веќе се видливи и оштетувања.

ЛЕВИЦА се залага за континуитет на проектите. Нас не ни е важно кој започнал одреден проект и доколку тој е во служба на граѓаните, истиот треба и мора да биде завршен и комплетиран. ЛЕВИЦА во својата програма за локалните избори предвидува и целосно санирање на горепосочените проблеми, со што повторно ќе го вратиме сјајот на Градскиот парк и истиот ќе биде гордост, а не срам на скопјани.“