Имаме морална обврска и должност да се бориме и за идните генерации

Фејсбук статус на Марио Јаневски член на Црвена Младина

„’Добрите луѓе најчесто се аполитични и не превземаат ништо, и затоа на крајот се владеани од оние нечесните и лошите’.
Често ја слушаме парадигмата дека политиката е лоша и оној кој се вклучил во неа е нечесен, и веројатно целта на оваа парадигма е да ги пасивизира добрите и чесни луѓе.

Политиката е неутрална, а луѓето кои се вклучуваат во неа се или добри или лоши.

Јас се одлучив да се активирам политички, затоа што смачено ми е да гледам како цилевци, стентоновци, двојчевци и слични паразити насобрани околу нив, одлучуваат за иднината на Битола и битолчани.

Битола е најопеаниот град на светот, град на конзулите, пајтоните, чкембе чорбата и пурите.

Градот под Тумбе Кафе, со најубавата Дембел чаршија.
Град на занаетчиите, кабадаите и најубавите чупиња на светот.
Град од кој излегле најдобрите спортисти, пејачи и глумци.
Град со најубавата улица на светот.

И колку да звучат овие епитети како флоскули, сигурно не се случајни. Да бидеме искрени, веќе ваквите епитети стануваат само милозвучни и нереални со секојдневието, а Битола ни тони.
Другарите ни избегаа од Битола, а и тие кои се овде не ја гледаат иднината тука.

Имаме морална обврска и должност да се бориме и за идните генерации. И ако ве натерале да поверувате дека промени не се можни, успеале во нивната замисла! Промени се можни, и само оние кои се доволно луди да веруваат дека можат да го сменат светот, се токму оние кои го прават тоа.

Имам сон дека Битола може повторно да биде град онаков како што сите епитети ја опишуваат.
Имам сон дека Битола повторно ќе биде најубавата на светот.
Имам сон дека Битола ќе ја вратиме на битолчаните, ама на оние вистинските!

Затоа не се обесхрабрувајте битолчани, борбата допрва почнува и ќе биде долга и тешка ама ќе успееме!“