Не го ситнете отпорот!!!

Пишува Игор Смилев, кандидат на политичката партија Левица за советник во Општина Велес, е еден од најзаслужните борци за затворањето на велешката „Топилница“. 

Другари од СДС и ДПМНЕ, да ви објаснам нешто за кодот и карактерот на членовите на Левица, оти гледам вашата патолошката опседнатост и параноја со нас нема крај. Земете си тефтер, запишете си, или меморирајте си го прочитаното во сивата маса, па репродуцирајте го наученото секогаш пред спиење, оти само во мирот на ноќта трепери совеста. Пренесете им го ова и на вашите другари од ДУИ, а ако треба користете и разглас за полесен влез во средното и внатрешното уво, оти гледам ја губите и рамнотежата и тлото под нозете, а баш таму, во внатрешноста на увото се губи стабилноста и реалноста.  

Членовите на Левица се бизарен и волшебен калибар на карактери, интелект, чистина, свесност, правдољубивост, автономност, свежина. Тие ви се како она зелено стебленце кое излегува од сивата утроба на асфалтот потсетувајќи ве колку е животот убав и упорен. Го сечеш, пак проникнува, не умира. Не можеш да го пресадуваш каде што сакаш, покрај кого сакаш или да го пренесуваш од едно место на друго. Оти, не знае да вегетира така. Навикнато е само да се бори за место под сонцето и да ги бара постојано топлината и светлината.

Знаете што значи посесивност? Посесивноста е нереална проценка на поединец дека може да биде изневерен или оставен, во чија што основа е уништување на самодовербата на партнерот. Кога ова ќе ги надрасне физиолошките димензии прераснува во параноја. Паранојата понекогаш се нарекува и „разумно лудило„. Тоа е заблуда која се карактеризира со „бавен и подмолен развој на системот со сочуваност на јаснотијата и редот во мислите, делувањето и сакањето„. Параноиците најчесто логично расудуваат, односно изведуваат исправни заклучоци, но од погрешни премиси. За да се тргнеш од заразноста на паранојата, мораш стално да бидеш што подалеку од неа за да ти остане чист умот, мислата и дејствувањето.

Другари од СДС, ДПМНЕ И ДУИ, вие сте заразени од параноја и веќе не можете да избегате од неа. Лекот и спасот за вас е само во глас за Левица. И динамит да им врзете околу половина, гласачите на Левица и вашите изневерени членови, нема да гласаат за СДС, ДПМНЕ и ДУИ ако решиле така, не оти не ве сакаат, туку затоа што сакаат да се жртвуваат за сопственото место под сонцето. Ве молам не ги уништувајте идеалите за нивниот сон, оти кај нас режим лесно се создава, ама тешко се руши… па мора некој да има како нас самостојно да сонува и да биде во кондиција на потенцијална енергија против овој актуелниот и неспособен хибриден режим, како и против нови идни потенцијлани режими, оти оној кој коалицира со режим, брзо станува како него и многу лесно и брзо го надминува.

Затоа, не го ситнете отпорот, гласајте за Левица.