Симовски: Ќе поразговараме со луѓето кои одбиваат да се попишат

Донираниот бугарски систем за Попис издржа само еден ден. Оваа информација ја потврди директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски. Тој заедно со својот заменик Илми Селами, беа во Тетово за да проверат како тече пописот во овој регион.

„Имавме проблем со интернет конекцијата, ама не е проблем со апликацијата, туку со целата интернет мрежа во државата. Колку што сум запознаен, „Телеком“ работи на отклонување на овој дефект и мислам дека скоро тоа ќе се отклони и да немаме проблем во работата – изјави Симовски.“

Веднаш после ваквата изјава следеше демант. Од Македонски Телеком велат дека „нема никакви проблеми со интернет конекцијата и во текот на денот не е регистрирана ниту една пријава“. – Ова дополнително ја поткопа довербата во Државниот завод за статистика.

Во денешната изјава Симовски потврди дека имало повеќе инциденти и граѓани кои одбиваат да се попишат. Директорот на Државниот завод за статистика иако претходно се закануваше со казни за овие луѓе, денес со изјавата дека „првично што ќе направиме е да поразговараме со овие луѓе да им објасниме што е целта на пописот“ практично се демантираше себеси.