Зошто Левица на следните локални избори нема да коалицира со ДПМНЕ

Деновиве, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, на една од неговите, што се вели, куќни телевизии, повторно ја актуелизираше драмата околу прашањето за коалицијата на Левица и неговата партија. За волја на вистината, овој пат беше поумерен и помалку малициозен за разлика од претходниот пат, кога Левица ја нарекуваше „платеници на Заев“ и слични клевети, кои апсолутно немаат никаква подлога во реалноста. Оттука, имајќи ја во предвид и првичната „покана“ од страна на Мицковски, сметам дека потребно е во јавноста да се разјасни зошто Левица нема да коалицира со ДПМНЕ. 

Имено, поточно е да се каже дека Левица на овој чекор беше принудена, од страна на самото раководство на ДПМНЕ, односно не и’ беше оставен никаков простор за да може било како да соработува на овие локални избори со ДПМНЕ.

Првиот пат кога на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицковски, му текна за коалиција, по се’ изгледа беше понесен (читај притеснет) од предизборната „еуфорија“(читај: анкетните резултати), и како гром од ведро небо – без никаква платформа, без најава, без претходно изграден однос и нималку политички усет – на телевизија (!?) во нарачана емисија – ја повика Левица да се приклучела на опозицијата за, како што кажа, „пад на режимот на Заев“. 

Секако дека Левица нема да се впушта во една ваква, крајно несериозна, нестабилна и политички неконзистентна драматургија во режија на ДПМНЕ. Пред се’, господинот Мицковски треба да знае дека на локални избори се бираат градоначалници, а не пратеници во Парламентот. Оттука, на локални избори не може да се сруши Заев. Освен ако Мицковски повторно, по којзнае кој пат, не најавува дека има парламентарно мнозинство. Доколку е така, веднаш да го ослободам, Левица, преку нејзините два пратеника во Собранието е спремна да даде поддршка за гласање недоверба на владата на Заев, но без учество во евентуалната новата влада на Мицковски, туку само поддршка за нејзино формирање со цел рушење на Владата на СДСМ-ДУИ.

Понатаму, Левица принципиелно е против предизборно коалицирање. Тоа е принцип во нашата политичка платформа уште од основањето на Партијата. На овој начин се задржува конзистентноста пред членството на Партијата како и почитта пред гласачкото тело, со што се превенира нивно третирање како вреќа со компири или стадо овци кое се користи за политички пазар на партиите. Но, со оглед на кампањата на ДПМНЕ која гласи „Глас за помалите партии е глас за Заев“, очигледно дека овој принцип тие не може да го разберат, а уште помалку да го применат.

Инаку, ДПМНЕ треба да го потсети своето членство дека токму Левица на последните претседателски избори ја поддржа сегашната пратеничка во собрание од редовите на ДПМНЕ, а тогаш кандидат за претседател на ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова. Но за возврат на ова, од сегашното раководство на ДПМНЕ, Левица доби само гнасна црна кампања преку ширење невистини и клевети, како за нејзиниот лидер така и за раководството и нејзиното севкупно членство.

Понатаму, најголема пречка во можноста за соработка со ВМРО-ДПМНЕ, е тоа што, од досегашната пракса, оваа партија намерите за коалицирање ги поставува само како желби за освојување на власт и единствено само на основа на тоа – врз никаква платформа или програма. На овој начин, ДПМНЕ коалицирајќи со албанските партии, воопшто не обрнува внимание за штетата на македонските национални и државни интереси. За ова сведочат многу политички потези, од кои најсвежни се: Законот за попис, како и Законите за државјанство, Законот за лични карти и Законот за легализација на дивоградби, кои ДПМНЕ, не само што не вложи никаков напор да ги блокира, туку истите и ги поддржа?!. Секако, не помалку удел во сето тоа играат и политиките на партијата насочени кон гушење и неподдржување на иницијативата за промена на Изборниот модел во насока на една изборна единица на ниво на цела Македонија. Напротив, во овој контекст, ДПМНЕ отиде дури и чекор напред во нивната соработка со Власта, конструирајќи малициозни предлози со одредби насочени директно против Левица.

Исто така еден од ненадминливите товари за коалицирање со ДПМНЕ е тоа што оваа партија дава тврдоглавата поддршка и нерационалната потчинетоста која тие ја имаат кон НАТО и САД, како главните меѓународни фактори кои ги набилдаа силите кои ја разнебидуваат државата. Во оваа насока е и тотално некритичниот однос на ДПМНЕ кон ЕУ бирократите, кои исто така изиграа слично штетна улога во промовирање и поддржување на политичките фактори и процеси кои одвнатре ја притиснаа Македонија и ја претворија во социјално погазена и национално обезличена земја. И токму ова е она што партијата ДПМНЕ, за Макеоднија, ја прави повеќе штетна отколку корисна во нејзиното егзистирање како опозиција! 

Она што е со долгорочни катастрофални последици по поредокот и општествениот амбиент од односот на СДСМ и ДПМНЕ кон т.н. албански партии, е тоа што двете тие се појавуваат како соучесници во процесот од минатото во кој интересите на албанците како државјани на република Македонија се поистоветуваат со политиките на криминалната партија ДУИ. Токму поради ваквата конструирана политичка реалност, останатите албански партии во опозиција, се охрабруваат во водење на мртва трка за тоа кој ќе има повеќе анти-македонски и анти-државни, сепаратистички и крајно клерикални ставови во своето политичко делување. Тоа впрочем е случајот и со Алијанса за Албанците и Алтернатива, партии кои се коалициони партнери на ДПМНЕ на овие локални избори.

За Левица власта не е цел сама по себе, туку средство преку кое ќе се придушат  штетните политички сили кои 30 години ја движат државата во пропаст. Потоа ќе се изврши радикална промена на курсот по кој досега државата се движи, а сите политички и општествени капацитети ќе се насочат кон изградба на целосно независна, суверена и просперитетна Македонија, која му служи на народот наместо на корумпираните елити.

Став на Реџеп Исмаил – Хактан, член на Президиумот на Левица