СДСМ го изгласа ДУП-от во Карпош – Советникот на Левица гласаше против

На вчерашната 60-та редовна седница на Советот на Општина Карпош со мнозинство гласови на мнозинството во советот беше усвоена предлог-одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт З 06, Блок З 06.09.

Со оваа одлука, на просторот помеѓу Булеварот „8. Септември“ и СГГУГС „Здравко Цветковски“, а на поранешните бараки на Заводот за урбанизам и архитектура ќе никне зграда со со предвидена вкупна изградена површина од 36.051 м2. Токму поради зеленилото кое се наоѓа на оваа парцела, овој предлог ДУП се најде на остра критика кај жителите на Општина Карпош, особено оние на Тафталиџе.

Бранко Ристов, советник во Општина Карпош од редовите на Левица побара симнување на оваа точка од дневниот ред, а како причина за тоа е спроведувањето на јавната презентација за овој ДУП во време на пандемија како и носење на истиот во пресрет на Локалните избори.

„Во врв на транспарентност СДС во Карпош помина ДУП чија јавна презентација ја одржаа за време пандемија со физичко присуство спротивно на здравствени препораки. Во 21 век кога седниците се онлајн btw. Едит: Побарав точката да се симне од дневен ред. Али “има правна основа” е СДС верзијата на “битно се гради”.“ објави Ристов на својот Фејсбук профил.

Претходно, модераторот на Левица – Карпош, Мартин Димоски, ја обвини СДСМ за шверцувањето на овој ДУП кој во целост е спротивен на интересите на Карпошани.