Режимот преку Симовски манипулира со казни за бојкот на попис

Владата и директорот Апостол Симовски за време на пандемија постојано се закануваат до граѓаните кои ќе одбијат да се попишат. Согласно Законот за попис, изрична ДОЛЖНОСТ за попишување не е предвидена за граѓаните. Предвидени како УЧЕСНИЦИ во пописот се предвидуваат таксативно наведени органи на државната управа и други ИНСТИТУЦИИ. Следствено на тоа, ЗАКАНИТЕ на владата за присилен попис и кривична одговорност на граѓаните кои нема да се попишат,  содржат елементи на кривично дело Присилба од член 139 од КЗ.

Понатака, во Уставот на Република Македонија во членот 26 се гарантира неповредливоста на домот. Тоа право може да биде ограничено единствено само со СУДСКА ОДЛУКА. Оваа уставна одредба е преточена во Кривичниот Законик член 145, каде неовластеното влегување во нечиј дома е предвидено како кривично дело. Па така, извршаната власт злонамерно и силеџиски ги става попишувачите во неблагодарна ситуација да може кривично да одговараат.

Понатака самиот закон за попис во членот 35, ст. 3 предвидува можност присутното полнолетно лице да даде податоци за отсутниот член на домаќинството!? Таквата прешироко формулирана т.н. бланкетна норма е спротивнa  на чл. 8 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) – каде се утврдува дека секој го ужива правото на почитување на приватниот и семејниот живот, домот и кореспонденцијата. Според јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права, ова право на приватност се протега и на личните податоци на граѓанинот!  Правото на заштита на личните податоци е сегмент на круцијалното право на приватност, предвидено исто така во цитираниот чл. 8 на ЕКЧП, што му овозможува на едно лице да ги задржи за себе сите свои персонални податоци и истовремено ги исклучува другите лица од запознавање со таквите сензитивни информации кои не сака да ги открие – без оглед дали тие „блиски лица“ се негови роднини, пријатели, другари, интимни партнери, деловни субјекти, колеги и сл. Во согласност со овој член од Конвенцијата, предвиден е и чл. 18 од нашиот Устав. Изворно од овој член на Уставот, во Кривичниот Законик е предвидено и кривично дело „Злоупотреба на личните податоци“. Каде се предвидува кривична одговорност за секој оној кој спротивно на прописите и без согласност на граѓанинот ќе искористи личен податок кој припаѓа на друго лице. Владата како подносител на овој закон и целиот процес на спроведување на пописот, повторно свесно и со  умисла ги наведува граѓаните да го прекршат не само Меѓународното право, членот 18 од Уставот со кој се гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци, туку и злонамерно ги принудува да сторат кривично дело.

Апсолутно нема кривично дело доколку некој одлучи да не се попише, ниту Кривичниот Законик, ниту Законот за попис предвидуваат такво кривично дело. Во законот за попис е предвидена кривична одговорност за уништување на податоци кои ВЕЌЕ СЕ ВНЕСЕНИ ВО ПОПИСНАТА АПЛИКАЦИЈА и ништо повеќе пописната регулатива не предвидува. Дополнително Кривичниот Законик, заради непридржување кон прописите и наредбите за  време на епидемија предвидува кривична одговорност за сериозно кривично дело Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, казниво по чл. 206, ст. 1. Со насилничкото настојување на спроведување на пописот, граѓаните се ставаат во неблагодарна ситуација, преку кршење на прописите и наредбите на здравствените власти, кои се на сила, кривично да одговоараат за своите постапки, ако не се грижат за заштита на сопственото здравје! Со тоа се крши чл. 39 ст. 2 од Уставот на РМ и на сите инволвирани во процесот на спроведување на пописот во домовите им се скратува правото и им се оневозможува извршување на својата граѓанска должност која ја имаат по сила на устав– да го чуваат и унапредуваат како сопственото, така и здравјето на другите! Тоа значи вистината е обратна од владината теза  –  КРИВИЧНО ДЕЛО Е СПРОВЕДУВАЊЕТО, А НЕ БОЈКОТИРАЊЕТО НА ПОПИСОТ СРЕД КРИЗНА СОСТОЈБА И СРЕД ПАНДЕМИЈА!.

Понатаму, да го делегитимираме и здравствениот протокол за пописот на кој, владата се повикува како највисок механизам за заштита. Повторно, и оваа нивна теза е обична манипулација, бидејќи ниту ЗДРАВСТВЕНИОТ ПРОТОКОЛ, ниту законот за попис на населението, ниту методологијата, апсолутно целата пописна легислатива, не содржи одговор за најбитната ситуација што доколку попишувачот ги зарази со КОВИД-19, граѓаните чии домаќинства ги посетил?!

1)        Дали во таква ситуација заразените граѓани ќе можат да го гонат кривично и попишувачот и државниот завод за статистика согласно Кривичниот законик?!

2)        Дали државните органи кои по сила на закон се надлежни за спроведување на пописот ќе ги покријат трошоците за болничко сместување и тестирање на заразените граѓаните од страна на попишувачот со оглед на тоа дека законски ги присилуваат без нивна желба да учестуваат во процесот и свесно ги присилуваат да го стават во ризик сопственот здравје и здравјето на другите?!

Што се однесува до заканата на владата, упатена до сите граѓани дека ќе бидат прекршочно казнети ако одбијат да дадат податоци на попишувачот, повторно злонамерно и свесно се прикажува половично ситуацијата, со цел да се зголеми стравот кај народот од можни казни. Реалноста е дека, апсолутно никој доколку се почитува правото не може да биде казнет ако „БИДЕ ОТСУТЕН“ од неговиот дом при спроведување на пописот. Прекршочната казна е предвидена за ситуација само ако граѓанинот кој решил да се попише, при спроведување на пописот во неговиот дом, одбие да даде одговор на прашања (одбие да се попише) кои попишувачот му ги поставил.

Доволен доказ дека спроведувањето на попис сред пандемија е налудничава, противуставна и противзаконска операција , која единствено нашата влада ја тера, е фактот дека компаративно гледано, повеќе земји во меѓународната заедница, т.е. од нашето соседство, регионот и светот, веќе прогласија планско и привремено одлагање на спроведување на пописите во своите земји, од половина година до година дена – како на пример: Србија, Бугарија, Романија, Германија, Ирска, Шкотска и др. Како главна причина за ова, националните власти ја наведуваат токму практичната невозможност и преголемата опасност од спроведување на една ваква сложена статистичка операција во неповолни, непредвидливи и неконтролабилни услови на пандемија.