Димоски: СДСМ утре ќе шверцува ДУП спротивен на интересите на Карпошани
Утре со почеток од 11:00 часот Советот на Општина Карпош ќе ја одржи 30. редовна седница на Советот. На дневниот ред се најдоа 20 точки, а најмногу прашина се крена за втората точка, а тоа е предлог-одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт З 06, Блок З 06.09.
Во Деталниот урбанистички план се предвидува изградба на зграда од приземје плус шест спратови на местото на запалените бараки на Заводот за урбанизам и архитектура. Исто така на овој блок се предвидува и станбена зграда со приземје плус пет спратови.
Со реакција се јави Локалниот огранок на Левица во карпош од каде велат дека „усвојувањето на овој ДУП, општинската администрација предводена од СДСМ уште еднаш ќе потврди дека нивниот интерес за Општина Карпош произлегува од можноста да се служи на урбанистичката мафија и сомнителните градежни компании кои целосно го уништија зеленилото во оваа Општина.“.
Модераторот на Левица Карпош, Мартин Димоски на својот Фејсбук профил објави и слика од местото каде се планира зградата со висина од 32 метри. “Уште еднаш ќе се шверцува ДУП спротивен на интересите на Карпошани” напиша тој меѓудругото.