Што (веќе) треба(ше) да знаеме за македонската политика во август 2021 година

 Пишува: Амар Мециновиќ, дипломиран политиколог – модератор на Левица ЛО Чаир

(Марксистички забележувања на македонскиот капиталистички изолат – себенадминат систем)

 Дали се оправдуваат радикални корекции на систем кога конвенционалноста е заболена?

Македонското општество влегува во својата изборна сезона. Во оваа декларативна реченица имаме универзален однос на универзални поими. Вон декларативноста, знаењето и односот кои ги комуницира, се сокриени зад номиналната јасност. Нашето општество се наоѓа во доба на историјата во која плуралистичката демократија е норма. Поточно, македонското општество е само современик на нормата на плуралистичката демократија. Кај нас нормативноста од праг стана оптимум. Во македонскиот политички систем инкубирани се две екстремни аномалии на парламентарниот плурализам. Првенствено, самото негово постоење како систем е доволен успех. Критериумите за успех се надминати со самата имплементација, а тоа значи дека уредувањето е успешно. И кога нешто негде транзитира, нормално дека транзицијата би била императивен фактор во проценката на долгорочната трансформација и функционалност на уредувањето. Се очекува спротивност, барем оштар контраст помеѓу како тогаш, а како сега треба да изгледа плурализмот. Неопходно е било какво поместување во тоа што општеството генерирало на самиот почетокот, па понатаму во некој правец, за да се случило транзициско поместување. Втората аномалија, истотака отпочнува во зачетокот  – за општествените актери сета транзиција заврши како промена на правилата на политичката игра. За политичката култура било каква трансформација е долг процес.

Тука, негативните капацитети заживуваат поради тоа што една од двете состојки на плурализмот, политичките ентитети – своите системски капацитети ги исполнува пред да добие повратен одговор од втората состојка – политичката култура. Вака отпочнува созревањето на политичката култура во духот на политичките партии, за кои општествениот процес има само две цели, доаѓање или задржување на власт. Во историјата на западните општества, плурализмот за буржоазијата има револуционерен карактер, бидејќи како надоградба на републиканизмот, ја дава најсилната буржоазиска држава – либералната демократија. Револуционерноста за жал, не се пресликува кај нас – дури и за сегашната наша буржоазија, државите им се во регресивен однос кон општеството од кое сецесираат.

Ако за западните општества, буржоаската револуционерност пропратно ја трансформира и политичката култура низ постепеното намалување на феудалните елементи, ефектите на нашата политичка култура, во контраст се контрареволуционерни, и реанимираа феудални елементи како религијата и трибализмот. И уште посликовито, ако тоа е за нивните општества менување на историското руво, за нашето општество се случува во еден миг како вертикална редефиниција на политичко-економските односи. Што се случува кога општественото ткиво не созрева заедно со вертикалната регулатива? Просто, таму веќе нема заемен однос, туку тој што го наметнува редефинирањето го претвара во инструмент за владеење. Со почетокот на политичката фрагментација, сета јавна политичка дејност се насочува кон маневрирање со новите политички правила. Ова се истите правила на игра во сите плуралистички демократии – партиите се насочуваат кон одредени групи од населението кои статистички означуваат можна победа како крајна цел во политичката трка. За буржујските партии интегративната политика е анахрона. Пред сѐ, тие се чувари на сегашниот поредок, па дури понатаму и претставници на различни интересни групи во владеечката економска класа. Пресудната разлика е тоа што во нивниот случај, во системот има повратен одговор на системските предизвици на политичката култура  – и на тој начин, заемниот однос помеѓу партиите и општеството, покрај компонентата на изборната врска има и простор во кој се наоѓа политиката. За нас, никогаш не почнал процесот на „демократизација“, а феноменот на чие место неуко ја проектираме, е во изопачена форма во која ги конзумира сите напоредни процеси на општествени двигатели – ние само сме поминале низ ,,плурализација”. Праксата, мотивите и вредностите на партиите се пресликуваат на целото општество.

Прв симптом на плурализираност без купола на демократскиот процес е губењето на комунитаризмот кој се заменува со фрагментирани групи за идентификација без виши заеднички карактеристики во след на тоа што партиите (ентитети) – создаваат идентитети кои социолошки не се ништо повеќе од субкултури. Затоа и праксата на комуникација помеѓу партиите станува комуникација помеѓу цели општествени групи. Ова е изразен пример за системска патологија – доменот на неживи и затворени општествени односи се пресликува на доменот на живата и холистичка природа на политичката култура.

 И во последователен однос, по нарушувуањето на социолошката рамнотежа, кога едно општество наместо посакуваната „демократизација“ на својата политичка култура се фрагментира и плурализира – како метастаза на патолошкиот однос, во дегенеративниот процес на општото слабеење, тоа се случува и со обединувачките вредностите на општеството кои стануваат недоволни да ја издржат државотворноста на системот со кој влегуваат во заемно уништувачки однос.

 ШТО Е ТОЧНО ТОГАШ ИЗБОРНАТА СЕЗОНА за Македонија? Симболично, тоа е обединување на сите причини за постоење на политичко-економскиот систем – празник на генезата и залезот на крајностите на општеството. Со подредувањето на сите други материјални двигатели, изборниот процес со нив влегува во сооднос на надреден елемент, со што го исполнува временскиот капацитет на политичката култура. Во непосредното минато два примери се показатели за оваа временска узурпација. Првиот, кога македонското општество во разврска со режимот на Никола Груевски одговори со здрава општествена мобилизација, дегенеричноста на општествениот договор го покажа левијатанскиот временски однос кој изборниот процес го има над нашето општество. Во оваа апсолутна јукстапозиција, сето што општеството може да го акумулира како одговор, не ги попречува физиолошките процеси на нашата политичка култура – изборниот процес не може да биде попречен. Тоа што СДСМ на почетокот на кризата влезе со полоши изгледи од ДМПНЕ кој ја предизвика кризата, не беше пресудно за исходот на кризата. Истрошениот систем своите кризи ги решава преку отпочнување на истиот циклус одново со друг свој елемент. Практично, вака го одложува својот крај. Речиси потполно одвоено од општествената криза, изборниот процес започна во препознатлива форма. Народното движење немаше за цел да го подржи СДСМ, а ниту СДСМ влезе во ривалство со движењето поради тоа. Но, елементите на политичката култура со неверојатна брзина ги пополнија сите расцепи помеѓу движењето и социјалдемократите. Гласачите знаејќи дека доверувањето на мандат на СДСМ е ништо повеќе од погребување на незадоволството кон режимот на ДПМНЕ, тие колективно не го надминаа инфантилниот страв од општество без една од двете “големи” партии.

 Вториот пример е со кафкијанскиот процес на промената на името на земјата. Во македонската политика може да се најде симптом кој се наоѓа во општества кои се пред директна опасност од разобличување, поради хаотичноста на внатрешната политика – се случува дисконтинуитет во надворешната политика. Надворешната политика, кога во себе не содржи империјалистичка компонента, таа обично не е подложна во флуктуации кои зависат од внатрешната политика, од проста причина што во надворешната политика основната задача е зачувување на статус кво-то на дипломатските односи. За држава да ги напушти своите самозаштитнички позиции а владеечките елементи да работат кон сопствено компромитирање, самиот суверенитет мора да биде загрозен. Во процесот на промената на името, инволвирани беа три форми на политички континуитет. Прво, државотворноста како своевиден континуитет кој е апсолутен се додека не е меѓународно компромитиран, народниот одговор чие конститутивно место во компромисното решение се предвидува со референдумот, и владата како форма на извршна власт. Но, процесот помина со потполно исклучување на народнот одговор од равенката, за на крај да кулминира и со самоповреда на државниот континуитет, кој не беше ни загрозен. Независно што сѐ посочуваше дека мора да има последици ако владата своеволно го доведе процесот до крај, за возврат, политичката партија доби нов мандат, без народот да побара отчет за повредата на неговото демократско право.

Ова укажува, дека владата и партиите чија судбинска задача е да ротираат меѓусебно, се центарот на моќ во кој е инструментализирано севкупното политичко битие. Во крајност, во процесот на менувањето на името, елементите беа застапени колкави што им се и поединечните капацитети на самоодржување.

РЕВОЛУЦИОНЕРНО ПОГРЕБУВАЊЕ ИЛИ НАЦИОНАЛНА ОДБРАНА ПРИ КОНТРАРЕВОЛУЦИОНЕРНА КОРЕКЦИЈА НА БУРЖОАСКАТА ДРЖАВА? Марксистичката критика на работничките – марксистички партии им суди во контекст на поединечниот временски простор и материјални услови во кои постојат, и накнадно во контекст на долгорочното историско оценување. Многу често, во рамките на сегашноста во работничките движења секогаш се појавуваат три различни тенденции за методолошки грешно расудување за временски условените задачи на партиите – прво, кога критиката не прави разлика помеѓу временскиот и историски суд; второ, кога под велот на прагматизмот се оправдува историска неодговорност кон социјалистичката идеја; и трето, кога под велот на историскиот догматизам движењето станува импотентно за своите материјални услови. Во реалноста, многу често една иста постапка може да се толку во спротивно светло во однос на двете категории на критериуми.

За најголемиот дел од светот, првиот контакт со капитализмот е со истрелната страна долж цевката на империјализмот. Тоа значи, дека класниот стремеж следи веднаш по раѓањето на работничката класа, која економските односи ја конципираат како свој внатрешен елемент. Во материјалистичка смисла, допирните точки на пролетеријатот со буржоазијата строго се задржуваат во нивната заедничка историска етапа. Ова укажува дека долгорочното револуционерното синтетизирање на буржујска класа во едно општество не е предуслов за создавање на пролетерска класа, туку се што е потребно е општеството да влезе во капиталистичко производство, дури и под империјалистички стап. Затоа, во бројност, најголемиот дел од револуционерното тежнеење се наоѓа во држави со инфериорни воени капацитети и геополитичко значење. Индикативно кон ова е што во првата успешна работничка држава – СССР, комунизмот веднаш прави прагматичен компромис, заменувајќи го интернационализмот со национален комунизам, за да ги преживее нишаните на европските војски. Какви се тогаш компромисите до кои мора работничкото движење да стигна во општествата под империјалистичко влијание? Сите овие зависни општества се во форма на „нестабилно – кризно капиталистичко општество“, и се под постојана опасност од крахирање. За прогресивните работнички партии, во овие услови постојат два мотиви за одбрана на националната држава. Првиот мотив, кога културолошката хегемонија на уредувањето регресира, така што на економска доминација и се надоврзуваат религиозни, етнички или племенски идентитетски антагонизми, одбраната на граѓанската национална држава е самонегување на положбата на сопствената класа. А најнепосреднот мотиватор е тоа што дисолуцијата на нестабилните системи никогаш не завршува без хуманитарна криза и конфликт. Но, политичките рационализации не одат во недоглед и не ги ослободуваат партиите од одговорноста кон историскиот континуитет на социјалистичката идеја. Политичкиот макијавелизам не се простува, и не може ништо да го оправда ако последиците од прагматичните постапки на кој било начин ја слабеат политичката и егзистенцијална положба на работниците.

На другата страна, историскиот суд за работничките – марксистички партии е сеопфатен и озлогласено строг во категоризирање на својата фактографија во категории на револуционерност и ревизионизам. Во историскиот суд за работничките – марксистички партии се состои феноменологијата на севкупната класна борба и комунистичкото цивилизациско тежиште во историјата на капитализмот. Во својата постојаност има една самокорективна задача, да забележува елементи кои ја спречуваат комунистичката револуцијата. На секоја работничка – марксистичка партија во иднината и следи досуден епитет за да не се реплицираат реакционерни политики од едни услови во други како идеолошка девијација.

КОИ СЕ ИНТЕРЕСИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА РАБОТНИЧКА ПАРТИЈА КОН ДРЖАВАТА ВО ЧИЈ ПЛУРАЛИЗАМ БИРА ДА УЧЕСТВУВА? Работничкото движење во Македонија има богата историја. Тоа значи, дека работничките партии не се оставени на импровизација за прашања кои традицијата одамна ги одговорила. Континуитетот води се до создавањето на КПЈ во домино ефектот на бољшевичката револуција, па повторно назад преку крајното признавање на нашата државотворност во меѓународната заедница, извојувана во Народноослободителната борба. Во традицијата на движењето, втемелен е првиот мотив за апологетство кон националната држава – Југославија се третира како прогресивна фаза за работничката класа, во која ќе ја надмине мултиполарната антагонизација која се случува при разнебитеноста помеѓу Републиките. Оттука, само коплементарни можат да бидат идеолошките насоки кои треба да се следат во овие нови геополитички услови. За левичарската партија, тоа значи тежнеење кон унитарен и надетнички национален дух на државата, како контратеза на насоката на редефиниција во која се движи нашата Републиката.

Во денешните услови на Македонија, нужно е насочувањето на интересите во полза на државната структура. Тоа е во полза како на општото добро, како и на движењето.

Битно е да се напомене, покрај тоа што овој есеј ги следи принципите на научниот социјализам за аргументација, во јадрото на проблемот кој го отсликуваме се наоѓа темелна фаличност на неолибералната идеологија. Уште на почетокот на есејот, при посочување на неприродниот однос помеѓу тие со активно, и оние со пасивно избирачко право, сѐ понатаму се надополнува. Како повторување, фаличноста е во првичната имплементација на плурализмот. Тој се задржува на нормативната форма, без да изгради структура така и го блокира секое надминување на првобитната фаза на системот. Како тогаш, во склоп на либералните правила да се корегира механизмот поради кој не отпочнала „демократизацијата“? Ако е неопходно укивањето на трајноста на проблемите кои отпочнале тогаш, тоа значи реимплементација на плурализмот, за да се дозволи македонското општество да изгради автентичен културолошки одговор во чие отсуство сега робува.

 Елементот преку чија ревизија ова може да се случи е пасивното избирачко право. Државниот суверенитет се предава во рацете на транзициска влада со строго одредени цели за создавање на нова Република, додека дисконтинуитетот помеѓу двете се случува со суспензија на пасивното избирачко право на сите тековни партии, со цел испраќање на претходното уредување на буништето на историјата. За ваков процес, неопходно е транзициската влада да има кристално издефиниран легитимитет за транзицијата. Со тоа што се транзитира во нова Република, природна последица е прекинувањето на сите врски со политичките структури од претходниот систем. Тоа што првата Република треба да ја однесе во минатото, е расчекорот помеѓу општиот, комунитарен капацитет на народот и капацитетите на владеечкиот апарат да кохабитираат. Како и во историски примери во слични транзиции, се смета дека уредувањето го исполнило својот капацитет и дека следи надминување. Во поширока смисла, политичката одлука за вертикална интервенција од социолошки причини, е за стимулирање на макропроцесот на културна револуција, со крајна насока за создавање на општество кое ќе биде во симбиотички однос со својата политика. Поради социолошкото потекло на проблемот, така и категоријата „решение“ може само да биде „постигнување на дијаметрално спротивни вредности при едно колективно однесување кое се санира“ – вредностите, во подетална смисла се однесуваат на дихотомијата заповед – забрана кон однесувањето. Затоа, мерките кои ги иницираат промените се радикални. Ако однесувањето е ,,постојани гласачки шаблони отсутни од демократско-политички мотиватори”, а спротивната оска на заповеди и забрани за однесувањето „отфрлање на клиентелистичките причини за гласање, и приоритетизирање гласање по убедување

како морално супериорно расудување“, очигледни се и правилата за новата политичка организација.

 Пасивното избирачко право за прв пат ќе биде условено од нов праг кој партиите треба да го надминат, за воопшто да бидат регистрирани како партии под правниот поредок. Првиот пресек за партиите, е тоа што мораат да бидат надетнички – национални партии, како директна последица од долгата внатрешна разнебитеност, и самокомпромитирачка надворешна политика. Со оглед на што треба да се корегира општествено, вториот пресек на критериуми за добивање на пасивно избирачко право е да се идеолошки интегративни, со што се елиминираат реактивни партии, како и целиот чадор на популистички политики. Од оваа бегла поделба понатаму се разгрануваат закључоци за како: политичките идеологии на двете доминантни партии во претходниот систем – социјалдемократијата и демохристијаскиот либерализам се суспендираат поради социолошкиот процес на културната револуција; – освен што за интегративна политичка идеологија на партија, не може да се смета идеолошка матрица на интересите на еден етникум, така таа не може ни да биде претставик на интересите на малцинска економска класа; – единствените политички идеологии кои би се наоѓале како пред, а така и преуреуредувањето, се работничките партии поради интегративната природа на левичарската политика.

 СЕВО ОВА Е СЕУШТЕ САМО ЛИБЕРАЛНО РЕШЕНИЕ НА НЕОЛИБЕРАЛЕН ПРОБЛЕМ. Контраинтуитивно е како за корегирање на системот кој предвидува политичка сеопфатност, и чии вредности почиваат на „неотуѓивото“ право на политичка асоцијација, решението се состои во соголување на составните принципи, за да профункционира тоа што веќе се предвидува. Само во присуство на прогресивна политика, општеството може непопречено да ги созрее своите политички капацитети – и тоа е централно знаење во политологијата. Во самите свои дефиниции – конзерватизмот, реакционерството, и неолиберализмот немаат идеолошка тенденција која би можела, или пак се стреми кон измена на политичките капацитети на тековната рамнотежа. Прогресивната политика тоа го содржи во своето јадро. И затоа, ова илиструрира дека во механизмите на буржоаската држава нема инхерентна можност да се надмине некој однос доколку општеството кон тоа претендира. Но, за нас многу побитно е расчистувањето со фактот дека сево ова е контрареволуционерно во левичарски контекст. Во обем на историските подудирања на елементите, единствената форма на класната борба е бескомпромисната. Во овој момент од историјата, буржујите се во својата протагонистичка позиција – имаат монопол на сето производство и капацитети за физичко угнетување. Нивната политичка организација е беспрекорна и без отстапка ги претставува само нивните интереси. Вредностите кои ги проектираат како норми, се отворено насочени кон обезвреднување и дехуманизација на сиромашната класа. За нив, нема заблуда околу тоа дали класната борба е бескомпромисна. Затоа, неспорно е дека секој компромис на пролетеријатот е само капитулација пред бескомпромисната класа. За работничкото движење од својот зачеток, па веројатно до крајот на траењето на класната борба постои само едно решение, а тоа е милитантна револуција. Но, за работничките партии кои учествуваат во плуралистички демократии, неопходност е исполнувањето на задачата за политичко организирање на работничките интереси во секојдневниот живот под капиталистичкото уредување.