Управниот суд ја поништи одлуката за избор на директорoт на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица во Струмица

Управниот суд ја поништил одлуката на Министерство за култура за избор на директор на НУЦК „Антон Панов“. Судот ја уважил тужбата на двете одбиени кандидатки, Јасмина Пијанманова и Оливера Аризанова Мансбарт и според образложението на пресудата тужбата е основана, а тужениот, Министерството за култура, донело неправилна и незаконита одлука. Одлуката на Управниот суд е донесена на 8 минатиот месец. Ова го соопштија од иницијативата „Култура или фис-култура“ која се оформи поради револтот од поставувањето на професор по физичка култура за директор на институцијата, a во која членуваат актери од струмичкиот театар, кои во изминатите осум месеци организираа повеќе протести во Струмица и Скопје и предупредуваа на незаконитоста на постапката за избор на директор.

„Бевме убедени дека правдата е на наша страна и дека кога-тогаш некој орган во државава ќе мора да се одважи и да биде на висина на задачата и да почне да го практикува тоа што го проповеда. Тоа и‘ се случи“, велат од иницијативата.

Имено, по поднесената тужба од двете одбиени кандидатки до УПРАВНИОТ СУД во Скопје, со цел да се поништи конкурсот заради повреда на постапката при изборот, судот донесе одлука да ја УВАЖИ тужбата на двете оштетени кандидатки и  да го ПОНИШТИ решението на министерството за култура со бр. 44-1075/2 од 21.01.2021 година, со кое беше назначен спорниот директор Васил Бубев, кој на таа позиција беше избран на 26 јануари оваа година.

Според Јасмина Мазгалиева, една од кандидатките која конкурураше за конкурсот на Министерството за култура за избор на директор, со пресудата се утврдило прекршување на постапка и тоа дава надеж дека еден дел од државата функционира и дека се враќа довербата во правосудниот систем.

„Правдата е бавна, но доаѓа. Во иднина ги охрабрувам сите кои сметат дека правото е на нивна страна во вакви и било какви други постапки да се охрабрат и да постапуват, бидејќи само на ваков начин можеме да се бориме против “намерните” или “ненамерните” грешки донесени од страна на надлежните институции“, изјави Мазгалиева.