Владејачката политичка гарнитура не покажуваат доволно разбирање или подготвеност за спроведување на мерките за заштита на Охридскиот регион

Пишува: д-р Панче Велков, претседател на фондацијата „Македонида“ чија примарна дејност е заштита на Културното наследство.

Охридското езеро, неговото крајбрежје и непосредната околина претставуваат уникатен еко-систем со мошне богата флора и фауна кои се исклучително чувствителни на загадување, како директно од страна на човекот, така и од климатските промени. Зачувувањето на ова природно богатство подразбира поставување и спроведување на строг режим на заштита од загадување од секаква природа. Несоодветната урбанизација на градот и крајбрежјето е првиот проблем, непочитувањето на урбанистичките планови е вториот, туристичка експлоатација на езерото е третиот, отсуство на современа депонија за третман на отпадот е четвртиот ваков проблем, ги има уште многу.

Втората компонента на значењето на Охридскиот регион како заштитено добро на УНЕСКО од највисок ранг е неговото културно наследство. Културната компонента од градот, за нас е од клучно значење во овој историски момент, кога македонската самобитност, култура и историја безмилосно се проблематизирани и присвојувани како од соседите, така и од некои други европски земји. Со ретки исклучоци, културните споменици се во тешка состојба, а за некои, како црквата Света Софија која што се смета за најзначаен споменик на културата во Западната цивилизација од XI век, одамна е запалено црвеното алармно светло.

Предворјето на црквата – со нејзиниот ексонартекс и прекрасната Глигориева галерија,  одамна е затворено за посетителите, а просторот се користи како место за секаков вид на шут и отпад од манифестацијата „Охридско лето“ која што ја користи црквата како сцена, па не е ни чудо што фреските во галеријата се во очајна состојба.

Владејачката политичка гарнитура во земјата, ниту на ниво на централна, ниту пак на ниво на локална власт, не покажуваат доволно разбирање или подготвеност за спроведување на мерките на заштита на Охридскиот регион како светско културно наследство. Сместувањето на охридскиот регион во ранг на светско наследство во опасност, е единствениот начин да се изврши притисок на државата и на локалните власти, за тие да се мобилизираат за спас на Охрид и на неговото наследство. 

За почеток би требало да реагира задолжената институција во Владата, Министерството за култура, со формирање на нова Комисија за УНЕСКО при Министерството, која вистински ќе се грижи за изготвување и спроведување на норми и мерки за заштита на охридскиот регион. Во тоа тело треба да се вклучат експерти: еколози, архитекти – урбанисти, биолози и, секако, експерти за заштита на културното наследство. Во сегашната комисија, платена од џебот на граѓаните, учествуваат пет министри од Владата, експерти за спорт, куратори за современа уметност од скопската таканаречена независна уметничка сцена, веб дизајнери и ИТ експерти. 

Рангирањето  (т.е.  дерангирањето) на Охрид од заштитено светско културно наследство во светско културно наследство во опасност е наша единствена надеж нешто да се промени, и тоа треба да се случи веднаш, а не по две години. Охрид и неговите бесценетости немаат време за чекање. Да се надеваме дека тоа и ќе се случи.